Претседателот организираше лидерска средба на повеќе теми
Петок, 21 Јануари 2011   


Во ловната куќа на резерватот Јасен во близина на Катланово се одржа средба на претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, СДСМ Бранко Црвенковски, ДУИ Али Ахмети и Нова демократија Имер Селмани.
На средбата се расправаше за надворешно-политичките приоритети на Македонија, со акцент на интеграциите во НАТО и ЕУ и спорот за името, за препораките и приоритетите од Извештајот на Европската комисија, за одбележувањето на двата важни годинашни јубилеја - две децении од назависноста и 10 години од Рамковниот договор, како и за одржувањето на претстојниот попис.
За прашањето за името, кое веќе две децении не оптоварува и се користи за блокирање на македонските евро и евроатлантски интеграции, на средбата биле разменети мислења и споделени информации за актуелностите во спорот.
Премиерот Никола Груевски по средбата изјави дека информирал за средбите со грчкиот колега Јоргос Папандреу.
Прашан за македонската позиција за името, шефот на државата нагласи дека таа е позната и секаде искажана, односно оти решението теба да се бара во рамките на ОН и усвоените резолуции.
- Секое излегување од таа рамка, посегнување по нашиот идентитет, отворањето на прашањето за името и за нашиот јазик, на некој начин го попречува наоѓањето решение. Затоа ние секогаш на Нимиц му ги кажуваме нашите ставови дека мора да се држиме во рамките на резолуциите на ОН и тогаш е можно да се најде заемно прифатливо решение кое навистина ќе ги деблокира клучните процеси за нас - изјави Иванов.

  Back<<Назад