Централно одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“
Петок, 07 Јануари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан богослужеше со Златоустовата литургија.


Претседателот Иванов по завршувањето на литургијата на граѓаните од православна вероисповед им го честита Божик и им посака здравје, среќа, успех и спокојство. На сите граѓани на Република Македонија кои го слават Христовото раѓање - Божик им посакувам многу среќа, радост и успех во животот.



Овие се моменти кога сите си посакуваме да бидеме многу посложни, многу сплотени, како што вели нашата традиција, тогаш во тие моменти можно е да се исполнат сите наши цели што сме ги поставиле пред нас. Сакам на сите православни христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди“ да им посакам многу среќа и радост во животот, изјави Претседателот Иванов по завршувањето на литургијата.


На централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ присуствуваа и Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, Претседателот на Владата Никола Груевски, вицепремиерот Васко Наумовски, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и други личности од јавниот живот во Република Македонија.

  Back<<Назад