Претседателот Иванов на Процесот „Брдо-Бриони“: брза интеграција и зголемена безбедносна соработка се клуч за сигурноста на регионот
Среда, 25 Ноември 2015   

rotatorbrdo

brdoПоголема безбедносна соработка во регионот и размена на чуствителни податоци и брза интеграција на сите земји е неопходна за да се зголеми сигурноста, порача претседателлот Ѓорге Иванов на вонредниот самит на Процесот Брдо – Бриони што денеска се одржа во Загреб.

Самитот, како што посочи Претседателот е вонреден бидејќи се отворија прашања поврзани со мигрантската криза и бегалците.

„Овие прашања го оптоваруваат целиот наш регион и цела Европа. Безбедносните прашања не се поттикнати само од настаните во Париз, туку на многу места на планетава се случуваат агресивни чинови кои се израз на одредени терористички акти. Во нашиот регион и покрај сета соработка што досега ја имаме и стекнатата доверба особенно преку Брдо - Бриони процесот, сепак во сферата на безбедноста отсуствува соработка, размена на податоци и доверба за да се разменат чуствителни податоци од сферата на безбедноста, изјави македонскиот претседател.

Тој истакна дека од регионот има повеќе од илјада борци на боиштата во Сирија и Ирак, а 60 отсто од нив се веќе вратени во регионот, а тоа, како што посочи, е состојба која загрижува.

„ Затоа е неопходна соработка меѓу безбедносните служби и да се разменуваат чуствителни податоци за да не се случат слични настани и во нашиот регион какви што имаше во Париз", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател потенцираше дека и бројот на бегалците наместо да се намалува како што доаѓа зимата се зголемува.

„На македонско-грчката граница сега имаме илјадници луѓе од Мароко, Јемен, Северна Африка, Бангладеш, Пакистан,... Коридорот што беше отворен од бегалците од Сирија и Ирак сега го користат економски мигранти за да патуваат кон Европа. Сите земји се соочуваат со големи издатоци да им ги покријат хуманитарните потреби зашто им треба храна, вода и медицинска помош.

Македонија веќе се ближи до 10 милини евра потрошени во овој период, а помош нема од никаде освен одредени симболични суми што ги добиваат нашите хуманитарни организации од други слични организации, истакна претседателот Иванов.

Тоа, според него, укажува дека треба да се преземат мерки зашто земјите како Шведска преземаат мерки, а и Германија планира да направи исто, за што е свикан и Самитот меѓу ЕУ и Турција од каде доаѓаат најголем дел од бегалците и мигрантите.

За пораките упатени на самитот во Загреб за што побрза интергација на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ и НАТО, претседателот Иванов рече дека на претседателот на Советот на Европа Доналд Туск, кој веќе беше во Македонија, му укажале што не е сторено од неговиот претходник.

„Најголема е одговорноста на Европскиот совет бидејќи таму се блокирани евроинтеграциите во случајот на Македонија. Сите земји од регионот напредуваат, а Македонија поради отвореното прашање што го има со Грција стои во место. Затоа и на средбата што ја имавме во Скопје и сега укажавме доколку ние ги завршиме нашите обврски и ако се заврши како што е планирано со постигнатиот политички договор за време на кризата и ако изборите поминат во најдобар ред, тогаш е неопходно да се промени статус-кво состојбата со македонските интеграции и конечно Македонија да го добие тоа што и припаѓа", потенцира ше македонскиот претседател.

brdo1Во заклучоците на Самитот е истакнато дека е неопходен редовен дијалог на оперативно ниво меѓу САД, Европската унија и земјите од Југоисточна Европа со цел да се спротивставиме на глобалните безбедносни закани.

Актуелната драматична криза со мигрантите претставува предизвик без преседан како од хуманитарен, така и од безбедносен аспект кој бара дијалог и согласност за подобро да се заштитат надворешните граници на ЕУ и значително да се олесни притисокот на бегалците врз погодените држави, оценија учесниците на самитот и порачаа дека проширувањето не треба да се гледа како технички, туку како политички процес.

Во заклучоците од самитот се посочува дека на отворените блатерални и регионални прашања треба да им се пристапи конструктивно и во согласност со меѓународното право и принципи.

„Денес ние лидерите на процесот Брдо Бриони ја обновуваме нашата посветеност кон градењето доверба, развојот на билатерален и регионален дијалог и кон помагањето едни на други во согласност со процесот на европски и евроатлански интеграции, како и кон промовирањето на натамошна соработка и помирување", порачаа лидерите-учесници на самитот.

Се обврзуваме, нагласија, да ја подобриме економската соработка и поврзаност преку регионални инфраструктурни проекти со посветување на особено внимание на енергетската сигурност.

„Фокусот ќе биде насочен кон гарантирање на просперитетот на младите генерации со мобилни програми и можности за работа. Треба да се истакне синергијата на процесот Брдо Бриони со Берлинскиот процес и во тој контекст го поздравуваме исходот од самитот во Виена", укажуваат учесниците на самитот.
Воедно, тие искажаа згрозеност од бруталноста на терористичкиот напад во Париз и од терористичките напади во Анкара, Синај, Бејрут и Бамако и повикаа на ефективни и ефикасни глобални решенија за борба за разрешување на корените на радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот. За тоа, како што порачаа, е неопходна широка меѓународна соработка и подобро координирање и размена на информации меѓу безбедносните агенции.

brdo2

  Back<<Назад