Изложба на млади научници во Народната канцеларија во Скопје
Вторник, 10 Ноември 2015   

Naucnici_NK_Skopje_01По повод Светскиот ден на науката, во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, денеска се одржа петтата по ред изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, под мотото „Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите".

Претседателот Иванов ја посети изложбата и изрази задоволство што овој настан прераснува во традиционален и што се повеќе млади луѓе се мотивирани и посветени на науката и иноваторството.

„Ме радува што секоја година имаме се повеќе иновации. Задоволство е кога гледаме дека младите се повеќе се бават со применета наука, затоа што единствено применливите решенија можат да доведат до напредок на целокупното општество, рече македонскиот претседател. Како генерација, вие покажувате дека овие ваши иновации можат да се применат во индустријата, во стопанството, и со тоа да дадат придонес во развојните текови на нашата земја, им порача македонскиот претседател на младите научници, честитајќи им за освоените награди и достигнувања. Тој ги охрабри да продолжат со уште посилен ентузијазам во создавање на пронајдоци и иновации.

Трансформација на штетниот отпад во гориво, робот-фудбалер, 3Д принтер, батерија од монети, еколошка машина за сушење, се само дел од иновациите кои денеска ги презентираа младите научници. На изложбата беа претставени и иноваторски проекти во сферата на еколошката хемија, автоматиката, роботиката, ракетното моделарство и биохемијата.

Претставниците од Народна Техника и од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" – Скопје, како организатори на изложбата, му се заблагодарија на претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните, кои имаат за цел да го поттикнат креативниот потенцијал кај младите и да ги промовираат истражувањето и науката.
Naucnici_NK_Skopje_02
На изложбата беа претставени 48 експонати на ученици во основно и средно образование од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Штип, Тетово, Велес и Гостивар кои освоиле прво место на Државниот натпревар на млади истражувачи на Македонија - НАУКА НА МЛАДИ, Државниот натпревар на младите техничари и природници на Македонија и Меѓународната изложба на иновации МАКИНОВА и ЕКОНОВА. Меѓу експонатите беа и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
Naucnici_NK_Skopje_03

  Back<<Назад