|
 
Република Македонија и Црна Гора треба што поскоро да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната безбедност и стабилност, но и на самата Алијанса, оценија претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ по средбата во Цетиње.
- Република Македонија незаслужено и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе десет години. Блокирани сме, исто така, и во НАТО и покрај 16-те акциони планови за членство, покрај учеството во сите мировни операции и покрај пресудата во Хаг во наша корист. Свесни сме дека ЕУ е соочена со сериозни предизвици поради состојбите во еврозоната, источното партнерство, мигрантската криза...", рече претседателот Иванов на заедничката прес-конференција.
Но и покрај тоа, додаде претседателот Иванов, Македонија очекува дека проширувањето на Унијата и на Алијансата, не само да продолжи, туку и да се забрза.
- Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува. Само така нашиот регион ќе биде уште постабилен, попросперитетен и поразвиен, рече претседателот Иванов.
Црногорскиот претседател Вујановиќ истакна дека Црна Гора очекува покана за прием во НАТО на министерскиот состанок во декември и го реафирмираше ставот дека Македонија го заслужува членството уште пред седум години.
- Многу сме заинтересирани да се деблокира процесот на НАТО-интеграците на Македонија. Таа блокада која е последица од спорот со Грција трае многу долго. Ние во сите билатерални и мултилатерални активности истакнувавме дека тој процес треба да се деблокира и Македонија да го заврши она што требаше да го заврши во 2008 година во Букурешт и да добие покана. Целиот простор на Западен Балкан заслужува да биде дел од НАТО, кое како воено-безбедносна алијанса значи најдобра гаранција на безбедноста, истакна Вујановиќ.
Двајцата претседатели се согласни дека Македонија и Црна Гора имааат одлични пријателски односи, без отворени прашања и потврдени со голем број меѓудржавни договори. Сепак, сметаат дека економската не е во чекор со политичката соработка.
Претседателот Иванов истакна дека разговарале за поврзување на Јадранско - јонската магистрала со коридорите 8 и 10.
- Ова е многу значаен патен инфраструктурен проект за Република Македонија и за регионот. Реално, доколку не сме патно и железнички поврзани, не можеме да очекуваме ниту завидна економска соработка. Само преку зголемена економска соработка можеме уште повеќе да ги зацврстиме односите меѓу нашите две земји, но и пазарите и капиталот со останатите држави од регионот, рече претседателот Иванов.
Според претседателот Вујановиќ, простор за економска соработка има во сите области, а најголеми шанси, како што рече, во туризмот и земјоделството, т.е. производството на здрава храна. Инфраструктурата е предуслов за соработка во економијата и во трговската размена.
- Сериозен хендикеп е лошата сообраќајна конекција на Црна Гора и Македонија. Тоа не може краткорочно да се совлада и претставува пречка за контакти на компаниите, луѓето и бизнисот и за подобра и квалитетна соработка, истакна Вујановиќ.
Според него, за контактите ќе придонесе и авиоповрзувањето, што може да се реализира со субвенциско мотивирање на нискобуџетни компании за чартер-летови.
Претседателите на денешната средба во Цетиње разговарале и за регионалната и мултилатерална соработка, како и за други прашања меѓу кои актуелната мигрантска криза.
За време на официјалната посета на Црна Гора, претседателот Иванов се среќава со премиерот, г. Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието г. Ранко Кривокапиќ.
Претседателот Иванов го поздрави изборот на специјалниот обвинител
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, за време на официјалната посета на Црна Гора, го поздрави изборот на специјалниот јавен обвинител во Македонија.
- Го поздравувам изборот на специјалниот обвинител и се надевам дека и другите обврски кои се произлезени од договорот меѓу политичките партии ќе бидат навреме реализирани и дека тогаш ќе можеме да бараме и од Европската унија да го исполни она што го ветува, односно Македонија да ја најде начин да ја напушти статус-кво состојбата во однос на нашите евроинтеграции, изјави претседателот Иванов на прес-конференцијата претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ во Цетиње.

Средби со претседателот на Собранието, г. Ранко Кривокапиќ и со претседателот на Владата, г. Мило Ѓукановиќ
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Црна Гора, во Милочер одржа средби со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Ранко Кривокапиќ и со претседателот на црногорската влада,г. Мило Ѓукановиќ.
На средбите биле разменети мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, евроатлантските интеграции и за севкупните безбедносно-политички состојби во регинот, вклучително и бегалската криза.
Заедничка констатација е дека двете земји негуваат одлични политички односи и споделуваат идентични надворешно-политички приоритети и цели, членство во ЕУ и НАТО, што, пак, се идеални претпоставки за интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес, особено на полето на економската соработка меѓу двете земји.
Во таа насока претседателот Иванов ја поздрави иницијативата за одржување заеднички состанок на владите на двете земји и нагласи дека ги охрабрува контактите меѓу бизнис-заедниците од Македонија и Црна Гора, како што е утрешниот бизнис-форум во Подгорица.
На средбите беше реафирмирана потребата од инфрастрктурно поврзување (патно и железничко) меѓу двете земји и беше изразено задоволство што Јадранско-јонската магистрала преку процесот Брдо-Бриони се најде највисоко во приоритетите на Берлинскиот процес.
Македонскиот претседател на средбата со премиерот Ѓукановиќ истакна дека „поврзувањето на коридорите 8 и 10 со Јадранско-јонската магистрала неповратно ќе го промени нашиот регион, ќе ја олесни економската соработка и ќе ги направи нашите економии попривлечни за странските инвеститори".
Претседателот Иванов оцени дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност, изрази задоволство од заемната поддршка и истакна дека Република Македонија е целосно подготвена за соработка со Црна Гора.
|