Средба на претседателот Иванов со организаторите и уметниците кои ќе го отворат фестивалот „Охридско лето“
Недела, 12 Јули 2015   

ohletopriem1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид ги прими организаторите на фестивалот „Охридско лето", како и дел од членовите на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, коишто ќе настапат на свеченото отворање на 55. издание на фестивалот.

Претседателот Иванов им посака добредојде на уметниците и успешен настап на вечерашното отворање на фестивалот, притоа додавајќи дека нивната сценска изведба ќе даде посебен белег на ова издание на „Охридско лето".

Членовите на ансамблот Ла фура делс Баус изразија задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, притоа истакнувајќи дека нивните првични впечатоци од фестивалот и од целокупната организација се исклучително позитивни и дека прекрасно се чувствуваат во Охрид и во Македонија.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за годинешната програма која што вклучува голем број странски уметници, од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид, и изразија надеж дека и ова издание на „Охридско лето" ќе се вброи во низата успешни културни настани во Република Македонија.

Македонскиот претседател, на средбата истакна дека фестивалот дава значаен придонес во промовирањето на македонската култура во светот, но и во презентирањето на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.

Манифестацијата „Охридско лето" која традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија, годинава ќе биде отворена со сценската кантата „Кармина Бурана" од Карл Орф, во изведба на ансамблот Ла фура делс Баус од Шпанија, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и на Македонската филхармонија.

ohletopriem2

  Back<<Назад