|

Хрватска во целост ја поддржува Македонија на евроатлантскиот пат. Свесни сме за проблемот со Грција, тоа е билатерален проблем, но наш став е дека поради него, Македонија не може бескрајно да се задржува на тој пат, дека треба да се валоризира се што прави Македонија, истакна претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ по средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Загреб.
Посочи дека Југоисточна Европа останува недовршена работа и на ЕУ и НАТО бидејќи, како што додаде, овој простор природно припаѓа на евро-атлантските интеграции.
„Ние од Хрватска го поддржуваме членството на нашите соседи во ЕУ и НАТО затоа што тоа е предуслов за траен мир, стабилност и просперитет на просторот на Југоисточна Европа и на тој начин треба да се менува имиџот во светот и ова да стане простор во кој ќе се вложува и кој економски ќе напредува", рече претседателот Грабар Китаровиќ.
На Европа, рече таа, и треба ново засилување и подмладување и затоа е неопходно да не се блокира европската перспектива на земјите од југоисточна Европа.
„Состојбата во Грција дополнително ќе влијае на заморот за проширување на ЕУ. Но, проширувањето е процес кој ќе придонесе за посилна ЕУ и за побрз економски развој. На ЕУ и треба ново засилување и подмладување“, изјави хрватскиот претседател Грабар Китаровиќ.
Македонскиот претседател Иванов рече дека е од големо значење сета помош и поддршка што ја добиваме од Хрватска во нашите евроатлантски интеграции.
„Го отворивме прашањето за членството во НАТО, како Македонија да го добие она што го заслужува да биде членка на НАТО, бидејќи блокадите кои досега ги имавме укажуваат на голема фрустрираност на населението во Македонија. Очекувањата кои ги имавме со зачленувањето се изневерени и со години сме во чекалната на ЕУ и НАТО. Очекуваме поддршка од Хрватска, Македонија да го добие тоа што го заслужува", рече претседателот Иванов.
Во однос на македнско-грчкиот спор за името, хрватската претседателка рече дека ЕУ не сака да увезува никакви нови проблеми и сака потенцијалните проблеми и отворените прашања да се решат пред пристапувањето на државите-кандидатки во ЕУ и НАТО.
„Ние од наша страна ќе поддржиме било каква иницијатива која ќе води кон решение затоа што заморот кој се појави во Македонија се јавува насекаде во југоисточна Европа. Ние сакаме тоа да се реши. Ја охрабрувам Грција да ги направи сите напори во овој момент, за да се надмине проблемот и да се најде решение", изјави Грабар-Китаровиќ.
Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот референдум во Грција на прес-конференцијата во Загреб рече дека очекува состојбата во Грција да се стабилизира, затоа што сите земји во регионот се меѓусебно поврзани и тие состојбите влијаат од една во друга земја.
„Посакуваме да се најде решение и конечно грчкиот народ да почне да живее нормален живот", истакна претседателот Иванов.
Народната банка на Република Македонија, како што посочи, е подготвена и ги има сите можни сценарија како да се справи со предизвиците од последните случувања во Грција.
„Веќе дел од тие мерки се преземени и не постои никаква опасност да бидат загрозени банките во Македонија", кои се заштитени, додаде тој.
Хрватската претседателка Грабар - Китаровиќ изрази стравување дека состојбата во Грција дополнително ќе влијае врз расположението на европските граѓани и на проширувањето.
„Затоа е клучно да се инсистира процесот да продолжи на политичко ниво, на ниво на државници, на ниво на Европската комисија. Не смееме да дозволиме ерозија на европските идеи на отвореноста на слободен пазар затоа што постојат проблеми во поедини делови на Европа", рече претседателот Грабар Китаровиќ.
Во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот Иванов се сретна со претседателот на хрватскиот Сабор, г. Јосип Леко, и положи венец пред „Ѕидот на болката" во Загреб.

|