Честитка по повод 22 ноември, Денот на албанската азбука
Понеделник, 22 Ноември 2010   

По повод 22 ноември, Денот на албанската азбука, Претседателот на република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до граѓаните на Република Македонија, припадници на албанската етничка заедница -
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми од името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име да Ви го честитам 22 ноември, Денот на албанската азбука.
Република Македонија е горда што токму градот Битола бил центар на напорите за унифицирање и стандардизирање на албанската азбука. Ние сме горди на значајното место кое Битолскиот Конгрес го има во развојот на албанската наука и култура, кои би биле незамисливи без единствена и современа азбука.
Како Претседател на држава која исклучително високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и научен напредок, дозволете ми на овој ден да изразам надеж дека албанската заедница во Република Македонија ќе продолжи слободно и успешно да ја унапредува својата култура и да ја негува албанската традиција во Република Македонија.

  Back<<Назад