Средби на маргините на Самитот на НАТО во Лисабон
Сабота, 20 Ноември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на маргините на Самитот на НАТО во Лисабон оствари повеќе неформални средби.

Претседателот на Соединетите Американски Држави Барак Обама на денешната средба со Претседателот Иванов изрази жалење што Република Македонија се уште не е член на Алијансата и упати честитки за исклучителниот македонски придонес во Авганистан и благодарност за партнерството кое Република Македонија го негува со САД.

На средбата се разговараше за процесот за надминување на разликите околу името.

Претседателот Обама истакна дека САД остануваат посветени и сакаат да помогнат ова прашање што побрзо да се надмине со заемно прифатливо решение. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е таа која бара решение, и додаде дека поради овој наметнат спор трпиме реални последици и дека сме подготвени за решение.

Претседателот Иванов му укажа на Претседателот Обама дека за Република Македонија е исклучително значаен ангажманот на САД во овој процес.



На средбата со канцеларот на Германија Ангела Меркел, на нејзино барање, Претседателот Иванов ја информираше Меркел за процесот за надминување на разликата околу името со Грција.

Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е подготвена за решение, и додаде дека, за разлика од порано, сега постои попозитивна клима по ова прашање, како и дека се одржуваат чести средби и контакти за кои Претседателот верува дека можат да доведат до заемно прифатливо решение.

Канцеларката Меркел изрази надеж дека со конструктивен пристап на двете страни тоа ќе биде направено што е можно побрзо, за Република Македонија да си го земе своето заслужено место во Алијансата.

 



Државниот секретар на САД Хилари Клинтон на средбата со Претседателот Иванов изрази целосна подготвеност за натамошна тесна соработка со Претседателот и со Република Македонија, и изрази надеж дека со заеднички напори што поскоро Македонија ќе си го заземе заслуженото место во Алијансата.

Државниот секретар Клинтон искажа благодарност за лидерството на Претседателот Иванов и огромната поддршка во глобалната цел преку ангажманот на Македонија во мисијата ИСАФ.

 

 



Претседателот Иванов оствари средба со Генералниот Секретар на Обединетите нации Бан Ким-мун, кој лично се извини за неодамнешниот случај со регистарот на Обединетите нации, и притоа потенцираше дека ОН имаат целосна почит кон македонскиот јазик.

На средбата со Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул, беше истакнато дека Република Македонија може да смета на целосна и сестрана поддршка од страна на Турција.

 

 



Авганистанскиот Претседател Хамид Карзаи на средбата со Иванов се заблагодари за ангажманот на македонските мировници, и за нивната посветеност за просперитетот на Авганистан.

Претседателот Иванов нагласи дека со заеднички напори ќе дојдеме до крајната цел  - изградба на демократско општество засновано на владеење на правото и почит за човековите права.

 

 




На средбата со Претседателот на Европскиот Совет Херман ван Ромпуј и Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо беше нагласена подготвеноста за натамошна тесна соработка во интегративниот процес на Република Македонија во Европската Унија.

  Back<<Назад