|
Конференција на хрватската академска истражувачка мрежа во Сплит
|
|
Понеделник, 15 Ноември 2010
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓоргe Иванов денеска во Сплит присуствуваше на свеченото отворање на 12. Конференција на Хрватската академска истражувачка мрежа - CARNet CUC 2010, на која одржа предавање.
На конференцијата присуствуваа Претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ, градоначалникот на Сплит Жељко Керум и директорот на CARNet Звонимир Станиќ.
Хрватската академска и истражувачка мрежа е формирана во 1991 година како проект на тогашното Министерство за наука и технологија на Хрватска, а во 1995 година хрватската Влада донесе уредба за основање на CARNet. Нејзините активности се насочени кон нудење интернет услуги, поттикување на развојот на информатичкото општество и образование за новото време.
Во делегацијата што ја предводи шефот на државата во Сплит е и министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
 Пред почетокот на 12. Конференција на хрватската академска истражувачка мрежа - CARNet CUC 2010, Претседателот Иванов оствари средба со хрватскиот претседател на која се разговараше за македонско-хрватските односи. Двајцата претседатели констатираа дека Македонија и Хрватска немаат отворени прашања. Политичките и економските односи меѓу двете земји се одлични и соработката треба да продолжи во таа насока.
Освен за билатералните односи претседателите Иванов и Јосиповиќ разменија мислења и за евроинтегративните процеси, како и за состојбите во регионот. Притоа беше потврдена успешната соработка во НАТО, а нагласена беше и конструктивната политика на двете држави што резултира со позитивна атмосфера во регионот. Двајцата претседатели разговараа и за проекти со кои ќе продолжи добрата економска соработка како што е инфраструктурното поврзување на Јадранската магистрала со Коридорите 8 и 10.
|