|
Честитка по повод верскиот празник Курбан Бајрам
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам денеска упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.
Почитуван Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верисповед во Република Македонија да упатам најсрдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.
Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија споделувајќи љубов со ближните.
Курбан Бајрам е празник на солидарноста и зближувањето ден кога благосостојбата и подава рака на сиромаштијата, ден кој ги потенцира сите човечки доблести. Токму во овој дух нека помине и годинешново празнување.
Верувам дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.
Нека е Честит Курбан Бајрам
Д-р Ѓорге Иванов
|