Посета на македонските мировници во Авганистан
Четврток, 11 Ноември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги посети македонските мировници распоредени во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Македонија треба да се гордее со учеството на нашите војници во мисијата ИСАФ во Авганистан бидејќи тие на најдобар начин ги претставуваат сите реформи во армијата, како и за тоа до каде се подготовките за нашето полноправно членство во НАТО, изјави денеска Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој е во прва посета на македонските војници во Авганистан. Претседателот Иванов нагласи дека иако се уште Македонија не е членка на НАТО, во мисијата ИСАФ во Авганистан покажува дека ги исполнува сите обврски и се однесува како и сите земји членки на Алијансата. Тој потенцира дека македонските мировници во оваа мисија придонесуваат и за светскиот мир и за градењето на институциите во Авганистан.

Нашите војници професионално ги извршуваат сите обврски. Почитувани се од колегите, но и од локалното население. Иако сме мала држава, на овој начин придонесуваме да се стабилизира еден дел од светот, изјави Претседателот Иванов и додаде дека ова искуство ќе им помогне на нашите војници и за следните мисии.




Претседателот Иванов оствари средби со највисокиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Марк Седвил и со командантот на ИСАФ во Авганистан генералот Дејвид Петреус.


На средбите, амбасадорот Седвил и генералот Петреус го информираа Претседателот Иванов за постигнувањето и придонесот на македонските војници во мисијата ИСАФ при што изразија задоволство и ја потенцираа нивната професионалност и посветеност во извршувањето на задачите.

Се разговараше и за придонесот на Република Македонија во ИСАФ, за достигнувањата во процесот на транзиција, напредокот на демократските процеси во Авганистан и градењето на капацитетите на авганистанските безбедносни сили.


Придонесот на Македонија во мисијата ИСАФ почна во август 2002 година, со симболично испраќање на двајца офицери во рамки на турскиот контингент. Во моментов Република Македонија во ИСАФ учествува со 242 војници, распоредени во четири поголеми контингенти. Досега во оваа мисија учествувале повеќе од 1.500 македонски војници.

  Back<<Назад