Претседателот Иванов ја посети општина Шуто Оризари по повод Меѓународниот ден на Ромите
Вторник, 07 Април 2015   

sutoorizariВо пресрет на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја посети општина Шуто Оризари, при што се сретна со градоначалникот, г. Елвис Бајрам.

На средбата претседателот Иванов беше запознаен со тековниот живот во општината и напорите што се прават во насока на севкупно унапредување на положбата на локалното население.

Посочувајќи дека Република Македонија е држава во која се негува вековната традиција на соживот, претседателот Иванов нагласи дека ромската заедница е нераскинлив дел од нашето повеќеетничко општество, кое постојано создава услови за негување на ромскиот етнички и културен идентитет, и претставува пример за еднаквите можности и права.

Претседателот Иванов порача дека и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и достигнување на степенот на целосна нивна инклузија во македонското општеството.

Во рамки на посетата на општина Шуто Оризари, претседателот Иванов го посети основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид", како и новоизграденото средно општинско училиште.

posetasutoorizari

  Back<<Назад