Средба со австрискиот претседател Фишер во Салцбург
Сабота, 07 Март 2015   

fisherПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Салцбург оствари средба со претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер.

На средбата беше констатирано дека Република Македонија и Република Австрија на билатерално ниво имаат извонредни односи. Како што изјави претседателот Иванов по средбата, многу австриски компании се присутни во Македонија, многу бизнисмени се задоволни од тоа што досега го направиле во економијата и трговската размена меѓу двете земји.

Македонскиот претседател додаде дека претседателот Фишер пројавил интерес за актуелните настани во Македонија.

„Претседателот Фишер пројави интерес за актуелните настани во Македонија, и сакаше да дознае лично од мене детали, бидејќи тие имаат информации кои ги добиваат преку Европската Унија и информации кои ги добиваат од своите амбасади. Сакаше да дознае детали и мое видување за актуелните настани во Македонија и кои се можните решенија за актуелната состојба", изјави претседателот Иванов во Салцбург.

Во рамки на престојот во Салцбург, претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ.

  Back<<Назад