Официјална посета на Република Естонија
Понеделник, 25 Октомври 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Република Естонија. На денешната средба со Претседателот на Република Естонија Томас Хендрик Илвес беше потврдено високото ниво на пријателство, на меѓусебното разбирање и соработка меѓу двете земји и беше потврдена поддршката на Република Македонија за влез во ЕУ и во НАТО.

Претседателот Илвес на прес конференцијата одржана по средбата на двајцата претседатели изјави дека проблемот за името меѓу Македонија и Грција треба да се реши билатерално. Сакаме да ја видиме Македонија на масата на ЕУ и на НАТО. Наш интерес е пречките што побрзо да се отстранат за да може Македонија да се зачлени во овие важни организации, изјави Претседателот Илвес и подвлече дека е потребно бргу да се дојде до решение со што би се отстраниле пречките за пристапување во Унијата.

Претседателот Иванов изјави дека Естонија е земја која секогаш ја поддржувала Македонија кога станува збор за евроатлантските интеграции. Република Македонија е импресионирана од прогресот и степенот на соработка што го имаат постигнато балтичките држави, не само во евроатлантските интеграции. Ние тоа постојано го потенцираме како позитивен пример и за нашиот регион. Лично придонесувам на сличен начин да ја збогатиме соработката на Балканот и да го следиме позитивниот пример на балтичките земји, изјави Претседателот Иванов и истакна дека Македонија треба да заврши уште многу работи, но дека генерално земјата не била никогаш подобра од денес во спроведувањето на реформите и исполнувањето на критерумите.

Во одговор на новинарско прашање како другите етнички заедници во Македонија гледаат на проблемот за името, Претседателот Иванов  рече дека Македонија е мултиетничка, мултирелигиозна и мултијазична заедница со специфичен модел на интеграција. Името Македонија ги обединува сите што живеат на просторот на Македонија. Затоа што Македонија создаде еден специфичен модел на интеграција без асимилација и секоја етничка заедница во Македонија ги остварува своите права и е лојална кон институциите на нашата држава. Така што името Македонија е заеднички проблем на сите, затоа што со проблемот кој го создаде Грција со нашето име се блокираат перспективите на сите што живеат во Македонија, изјави Претседателот Иванов.

Двајцата претседатели оценија дека Република Македонија и Република Естонија имаат исти вредности и добри политички односи и се согласни дека нив треба да ги следат и односите во економијата, кои засега заостануваат. Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со премиерот на Република Естонија Андрус Ансип.

  Back<<Назад