|
Присуство на опелото по повод смртта на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев во Софија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на опелото, што по повод смртта на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев се одржа во катедралниот храм „Св. Александар Невски" во Софија.
Желев во 2010 година беше одликуван од претседателот Иванов со Орден „8 Септември" за исклучителни заслуги за признавањето на независна и суверена Република Македонија од страна на Република Бугарија.
„Неговата улога е огромна, историска, бидејќи беше првиот што придонесе за меѓународното признавање на Република Македонија, а ги поттикна на ваков чекор и другите лидери, од регионот и од светот. Во разговорите со него, лично ми кажуваше како придонел претседателот Јелцин да го направи истото што го направил тој", изјави претседателот Иванов.
На опелото по повод смртта на Желев, се обрати актуелниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, а покрај македонскиот претседател присуствуваа и претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани и косовскиот претседател Атифете Јахјага.
|