Честитка до Генералниот секретар Бан Ки Мун по повод Денот на Обединетите Нации
Недела, 24 Октомври 2010   

По повод Денот на Обединетите Нации, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати честитка до Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.

Почитуван господине Генерален секретар,

По повод Денот на Обединетите Нации, дозволете ми во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки.

Ја користам оваа пригода, да Ви изразам признание Вам и на Светската организација, за ангажманите и напорите кои ги вложувате во справувањето со бројните предизвици пред кои е исправено човештвото. За поздравување се Вашето посветено работење и заложбите за ефективното функционирање на Светската организација. На тој план, сакам да Ве уверам дека во вршењето на Вашата исклучително значајна функција, секогаш можете да сметате на мојата и од Република Македонија цврста и принципиелна поддршка.

Почитуван Господине Ки-Мун, се уште во пријатно сеќавање ми е нашата неодамнешна средба во Стразбур, на која во пријателска и отворена атмосфера разговаравме за бројни теми од важност за Република Македонија, регионот на Југоисточна Европа и за Обединетите Нации. Како што истакнав при нашата средба, Република Македонија останува силно посветена на исполнувањето на целите на Организацијата, и сите свои активности ги насочува во тој правец.

Посакувајќи Ви уште многу натамошни успеси во вршењето на оваа одговорна функција, Ви ги упатувам господине Генерален секретар, изразите на моето највисоко почитување.

Нека ни е честит денот на нашата Организација!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад