|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети третата изложба на проекти од млади истражувачи – Наука за младите, што во организација на Сојузот на здруженијата на младите истражувачи на Македонија и Факултетот за електротехника и информациски технологии се одржа во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје.
На изложбата се презентирани вкупно 37 експонати, од кои пет се на студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, а останатите на наградени основци и средношколци од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Велес и Гостивар на натпревари и изложби.
„Настаните како денешниот се поттик за младите, времето да го посветат на науката. Ова е апел што повеќе млади луѓе да истражуваат, да бидат креативни и да наоѓаат начини и решенија за предизвиците што ги носи животот. Ги повикувам младите што повеќе да се посветат на науката, да вложуваат во себе и своето знаење", рече претседателот Иванов.
Изложбата е организирана по повод 10 ноември - Светскиот ден на науката за мир и развој.
„Поголемиот дел од проектите се од областа на природните и техничките науки и нивната основна цел е да имаат иновативна компонента. Сите од нив учествувале на натпревари, биле бранети и ги освоиле првите места", рече проф. д-р Христина Спасевска, претседател на Сојузот на здруженија за техничка култура на Република Македонија – Народна техника.
„Ова е еден поттик за младите да почнат уште од мали нозе да се занимаваат со науката. Гестот на претседателот со организација на ваква изложба е во правец на поттикнување на развој на науката кај младите уште од мали нозе", рече проф. д-р Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Мото на Светскиот ден на науката за мир и развој во оваа година е „Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите" и претставува можност за промовирање на науката за придонес кон мирот и развојот и нагласување на одговорното користење на науката за подобро општество.
|