|
Средба со претставници на Сојузот на борците од НОАВМ
|
|
Понеделник, 11 Октомври 2010
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници на Сојузот на борците од НОАВМ, по повод 11 Октомври - Денот на вооруженото востание во Република Македонија.
На средбата се разговараше за значењето на овој празник кој претставува темелник во историјата на нашата држава.
Претседателот Иванов, честитајќи го големиот празник на претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ, ја истакна важноста секогаш да се потсетуваме на изворните идеи содржани во Декларацијата за човекови права на граѓанинот донесена на заседанието на АСНОМ. Со тие одредби Македонија покажа дека припаѓа во заедницата на слободни, суверени и демократски земји и дека нашето членство во НАТО и во ЕУ ќе биде круната на долгиот пат на нашиот народ, подвлече Претседателот Иванов.
Заблагодарувајќи се на приемот, претставниците на Сојузот на борците од НОАВМ рекоа дека прославата на 11 октомври е уште една можност да се присетиме и да се заблагодариме на сите херои кои без колебање ги дадоа своите животи за граѓаните на Република Македонија денес да живеат слободно и да можат да ја градат својата иднина и просперитет.
Соговорниците истакнаа дека 11 Октомври треба да претставува поттик за сегашните и идни генерации да продолжат и понатаму по истиот пат во градењето на Република Македонија како рамноправен член на големото светско семејство на држави и народи, како држава во која и понатаму ќе владее безбедноста, солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи.
|