| Работна посета на Италијанската Република | |
|
|
Претседателот Иванов побара од Претседателот Наполитано да иницира во македонско-грчкиот спор да се примени хрватско-словенечкото искуство. На Претседателот Наполитано му укажав дека во последно време е создадена позитивна атмосфера, и враќањето на довербата меѓу Македонија и Грција овозможува да се дојде до решение кое би било взаемно прифатливо, изјави Претседателот Иванов по средбата со италијанскиот претседател. Во таа насока, подвлече Претседателот Иванов, беше и заложбата упатена до италијанскиот претседател да иницира во нашиот случај да се примени хрватско-словенечкото искуство кога двата процеса - на евроинтеграции и на изнаоѓање решение на билатералниот проблем, се одвиваат паралелно. На средбата е разговарано и за продлабочувањето на македонско-италијанскиот политички дијалог, како и за состојбите во Македонија и во регионот. Македонија во Италија може да гледа искрен пријател и поддржувач на ЕУ и НАТО интеграциите, му порача на денешната средба претседателот на италијанскиот Сенат Ренато Скифани на македонскиот претседател. Тој и оддаде признание на Македонија за улогата во регионални рамки, како и за реформите кои ги спроведува за реализација на нејзините стратегиски цели. Изразувајќи благодарност за силната поддршка во евроинтегративните процеси, Претседателот Иванов го информира претседателот на италијанскиот Сенат за активностите во процесот кој се води во ОН за разликите околу името со Грција. Двајцата соговорници на средбата констатираа дека во рамките на севкупната соработка, парламентарната соработка ќе продолжи да се развива и унапредува. Претседателот Иванов оствари средба и со Луиџи Кампони, главен обвинител на римското апелациско подрачје. На покана на македонскиот претседател Луиџи Кампони ќе дојде во Македонија да воспостави соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и со Државното јавно обвинителство, бидејќи реформите во македонското судство се темелат токму на италијанското искуство.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на Италијанската Република. Во Рим, Претседателот Иванов оствари средби со италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, со претседателот на италијанскиот Сенат Ренато Скифани и со главниот обвинител за римското апелациско подрачје Луиџи Кампони.











