Средба со г. Дин Шпилман, претседател на Европскиот суд за човекови права
Четврток, 18 Септември 2014   

prm_shpilmanПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Европскиот суд за човекови права г. Дин Шпилман.


На средбата Претседателот Иванов поздравувајќи ја посетата на делегацијата на Европскиот суд за човекови права подвлече дека Република Македонија придава особено значење на улогата и активноста на Судот за човекови права. Ги поздравувам позитивните промени што настапија по донесувањето на Протоколот 14, што овозможува подобрување на ефикасноста на Судот, овозможува Судот да посвети повеќе внимание на случаите што предизвикуваат важни дебати за човековите права, вклучително и правото на Високиот комесар за човекови права да интервенира како трета страна во споровите, истакна македонскиот претседател. Воедно, претседателот Иванов информираше дека Република Македонија има пристепено кон Протоколот 15, кој се очекува да биде ратификуван до крајот на оваа или почетокот на идната година и дека консултациите за потпишување на Протоколот 16 се веќе во тек. Ние постојано правиме реформи на судскиот систем во согласност со Европската конвенција за човекови права, и благодарни сме за одличната соработка при обуката на нашите судии, рече претседателот Иванов.


Претседателот Шпилман го информираше претседателот Иванов за актуелностите поврзани со реформите и дебатите за иднината на Европскиот Суд за човекови права, а беа разменети мислења и информации за имплементацијата на Европската конвенција за човекови права, како и за состојбата со почитувањето на човековите права во Република Македонија и во соседството.

  Back<<Назад