Обраќањето на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод почетокот на академската 2010 / 2011 година
Среда, 15 Септември 2010   

Почитувани студенти, почитувани професори, драги пријатели,
Ми претставува особена чест да ве поздравам на почетокот на академската 2010/2011 година. Задоволството е уште поголемо што оваа церемонија ја приредува првиот државен универзитет во Република Македонија. Мојот матичен универзитет, кој го носи името на големите сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
И денес, по дванаесет века, нивното дело претставува инспирација за сите нас. Тие се ставија во одбраната на правото на секој народ да верува. Да учи и да се просветува на сопствениот јазик.
Некогаш борбата била образованието да биде на мајчин јазик. Денес борбата е образованието да биде и достапно за сите.
Универзитетите секаде во светот се основа за развојот на целото општесво и затоа е неопходно нивно постојано усовршување во согласност со општествените потреби.
Со прифаќање на Болоњската декларација од 1999 година речиси сите земји од Европа пристапија кон изградба на заедничките основи на системот на високото образование. Оваа синхронизирана активност на европските земји се нарекува Болоњски процес.
Целта на тој процес е да се воспостави единствениот европски високо образовен простор. Тоа овозможува препознавање и признавање на образовните профили и наставните содржини ширум Европа. Овозможува непречено пласирање на националните образовни институции на европскиот пазар. Го осигурува квалитетот; воспоставува три степени на студирање, обезбедува европски систем за пренос на бодовите и ја овозможува мобилноста на студентите.
Многу ваши колеги студенти од претходните генерации веке ги користат придобивките на воспоставените европски стандарди на високото образование кај нас. Нашите студенти денес ќе ги сретнете на  универзитетите низ Европа каде го продолжуваат и усовршуваат своето високо образование. 
Македонија, преку високото образование, е веќе дел од европскиот отворен образовен простор. Со реформите што се спроведуваат, европските образовни вредности стануваат наши вредности.
Почитувани,
Образованието денес ви ги отвора вратите кон знаењето. Знаење кое, кога ќе се најде во вистинските раце – во вашите раце, може да продуцира вистински вредности. Токму затоа оваа година се воведува и практичната настава за студентите. Настава што ќе придонесе за зголемување на квалитетот на вештините што се стекнуваат со високото образование.
Убеден сум дека оваа заедничка инвестиција во македонските студенти, ова партнерство на државата и бизнисот, на универзитетите, институциите и претпријатијата ќе даде конкретни резултати. Ова партнерство ни дава можност да изградиме чувство на заедништво, на споделена одговорност. Заедно, го затвораме кругот на општествената одговорност и посветеност. А во центарот на нашето партнерство сте токму вие, студентите.
Почитувани,
Денешниов настан го одржуваме во салата кое го носи името  на покојниот Претседател Борис Трајковски. Затоа, токму од тука, сакам да ви соопштам дека оваа година ќе доделувам триесет стипендии “Борис Трајковски“ за најдобрите студенти запишани на основните, постдипломските и бизнис мастер студиите. Стипендии кои ќе ги доделувам заедно со Министерството за образование и наука на Република Македонија и со Сити колеџот од Солун кој е дел од Универзитетот Шефилд. Овој заеднички напор ја одразува нашата верба во вас, во вашата способност и во вашата иднина.
Почитувани,
Верувам дека сите вие ќе продолжите да чекорите по патот на напредокот. Убеден сум дека вашите претстојни достигнувања ќе ги крунисате со благородното чувство на исполнетост и гордост. Гордост каква што ние денес чувствуваме. Воедно, од вас очекувам никогаш да не ја заборавите вашата обврска кон Македонија и кон македонското општество. Доколку бидете истрајни во вашите напори, доколку се надградувате академски и професионално, доколку се однесувате одговорно, тогаш, верувајте, вашата иднина и иднината на Македонија ќе биде обезбедена. Ако вие сте успешни, тогаш и Македонија ќе биде успешна.
За крај, сакам да знаете дека патот што води до индивидуалниот и колективниот успех не е нити краток нити пак лесен. За да се измине тој пат не е доволна само желбата за успех туку и посветеност кон целта и чувство за одговорност кон себе и кон другите.
Денес, вие направивте уште еден крупен чекор во насока на сопствената наобразба. Денес ја покажавте желбата за знаење Затоа, сите ние веруваме во вас. Сите ние веруваме дека ќе успеете.
Им посакувам на сите студенти, на сите универзитети во Македонија интелектуалната љубопитност да ги следи за време на студиите, но и по успешното завршување на овој значаен академски потфат. Да бидат вредни, чесни и искрени. Така ќе успеат и на студиите и во животот.
Ви благодарам.

  Back<<Назад