Претседателот Иванов ја посети општината Маврово-Ростуше и присуствуваше на Ифтар во с. Скудриње
Сабота, 26 Јули 2014   

mavr01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во село Скудриње, општина Маврово-Ростуше присуствуваше на Ифтар, во пресрет на празникот Рамазан-Бајрам.

„Откако сум претседател, воспоставив пракса секоја година да присуствувам на Ифтар. Оваа година дојде ред во реканскиот крај да бидам со вас заедно. Навистина ми е мило што денеска ги посетивме поголем дел од селата во вашиот крај. Ви посакувам се најубаво и овие денови да ги поминете во слога, единство и солидарност. Да им помагате на сите што имаат потреба од помош", рече претседателот Иванов на ифтарската вечера.

Во присуство на градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, г. Мукрем Мехмеди и директорот на Националниот парк „Маврово", г. Онер Јакуповски, претседателот Иванов во текот на денот ги посети и селата Жировница, Велебрдо, Требиште и Врбен, каде со локалното население поразговара околу актуелните состојби во овој крај.

Претседателот Иванов со општинското раководство и локалното население размени мислења околу севкупниот економски потенцијал на населените места во општината. Заеднички беше констатирано дека Националниот парк „Маврово" дава перспектива за развој на туризмот во овој крај.

Истовремено, претседателот Иванов ја искажа својата подготвеност да поддржи иницијативи и предлози што се во функција на натамошен развој на овој крај.

Во оваа прилика, претседателот Иванов на жителите на Жировница, Велебрдо, Требиште и Скудриње им го честиташе светиот месец Рамазан, а во пресрет на празникот Рамазан-Бајрам им посака добро здравје и многу успеси.

Во селото Врбен, претседателот Иванов присуствуваше на финалниот натпревар на локален турнир во мал фудбал.

mavr03

  Back<<Назад