Претседателот Иванов учествуваше на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот“ во Дубровник, Република Хрватска
Вторник, 15 Јули 2014   

samitbrdof

samitbrdoПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска учествуваше на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот" во Дубровник, Република Хрватска.

На самитот учествуваа и претседателите на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ, на Република Словенија, г. Борут Пахор, на Република Србија г. Томислав Николиќ, на Република Албанија, г. Бујар Нишани, на Црна Гора г. Филип Вујановиќ, на Република Косово г-ѓа Атифете Јахјага, Претседавачот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, г. Небојша Радмановиќ, г. Жељко Комшиќ, како и Канцеларот на Сојузна Република Германија, г-ѓа Ангела Меркел која беше специјален гостин на состанокот.

Доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони процесот" кажува дека нашиот регион повторно е во интерес на Европската унија, изјави претседател Иванов денеска во Дубровник по завршувањето на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот"

Пораките од г-ѓа Меркел, како што рече, беа многу оптимистички бидејќи кажа дека Македонија мора да биде членка на ЕУ и на НАТО и дека мора да се најде решение на овој спор, кој веќе долго време и нив ги оптоварува, а не само нас.

На состанокот претседателот Иванов укажа дека мора да се дојде до решение за Република Македонија да ја напушти статус-кво состојбата.

Шефот на македонската држава детално ја запозна г-ѓа Меркел со статус-кво состојбата на Македонија која е блокирана и во ЕУ и во НАТО, како и за можните последици од оваа состојба. „Потенцирав дека таа состојба не му одговара на никого и дека мора да се вклучат лично и тие и со нивни заложби да се дојде до некое решение", рече претседателот Иванов.

samitbrdo2Тој потенцира, позитивното искуство во регионот да се примени и кај нас, бидејќи како што рече, имаме два позитивни примери на паралелно движење на преговарањето и наоѓањето заедничко решение меѓу Словенија и Хрватска, како и паралелниот процес меѓу Белград и Приштина. „Зошто тоа да не се примени и за Македонија, кога има можност на таков начин да се дојде до решение", изјави македонскиот претседател.

Самитот во Дубровник е позитивен сигнал за целиот регион, рече Иванов, бидејќи се враќа интересот за него како привлечна дестинација и за странски инвестиции.

Тоа беше поддржано, како што рече Иванов и од г-ѓа Меркел и влезе во заклучоците на Самитот дека на Балканот му е потребна една нова инфраструктура, која ќе создаде нов амбиент за соработка и на вмрежување за да можат младите генерации тоа да го користат.

Претседателот Иванов ја запознал г-ѓа Меркел со сите детали на спорот за името со Република Грција, и како што рече, за дваесетгодишното исчекување, како и за заложбите кои Република Македонија досега ги презела за да се најде решение. „Од нејзина страна беше потенцирано дека и тие се обидувале и ќе продолжат да помагаат во овој процес. Исто како што минатата година францускиот претседател г. Франсоа Оланд кажа дека Франција ќе се заложи и г-ѓа Меркел рече дека тие и досега преземале мерки иако тоа не се знае во јавноста и дека ќе продолжат да бараат решение.

Овој собир, како што нагласи, е почеток на Самитот што ќе се одржи со премиерите од целиот наш регион и министрите за енергетика и за економија во месец август. „Ова што го договаравме сега ќе биде ефектуирано на средбата на Меркел со премиерите од регионот и веројатно тогаш ќе имаме и конкретни решенија и заложби како да се помогне на овој процес, особено за Македонија," истакна претседателот Иванов.

samitbrdo4Германската канцеларка, како што рече претседателот Иванов, посочила дека европска политика е дека за секој проблем мора да се најде решение преку компромис, односно да се разговара. „Јас и укажав за нашата состојба дека ние впрочем нема со кого да разговараме, затоа што сите наш иницијативи и покани се одбиени. Освен со Нимиц ние немаме од другата страна партнер со кој може да разговараме за да се дојде до решение," изјави македонскиот претседател.

Додаде дека сите биле согласни дека состојбата во Грција е деликатна и дека грчкиот премиер се соочува со многу предизвици и оти сега приоритети му се други прашања. „Меѓутоа ние инсистираме дека мора да бидеме на агендата на приоритети и да не бидеме оставени да се одлага нашиот проблем", додаде претседателот Иванов.

Пред учесниците на состанокот претседателот Иванов посочи дека Јадранско-јонската магистрала е значајна бидејќи не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и патишта од регионот, овозможувајќи инвестициски развој.

Македонскиот претседател потсети дека пред пет години на сите регионални самите го потенцирал значењето на големите инфраструктурни проекти како што е оваа магистрала.

„Јадранско-јонската магистрала не го поврзува само јадранско-јонскиот брег, туку сите автопатишта и сите патишта од регионот и овозможува сите инвестиции сега што ги правиме секоја земја одделно меѓу себе да се поврзат. Се отвора просторот, а тоа е нов амбиент во кој се создаваат луѓе со отворен ум кои комуницираат, разменуваат добра, трговија и добра", рече претседателот Иванов.

Додаде дека ова е проект, за кој освен ЕУ нема позаинтересиран субјект кој би влегол во така мега проект.

Во однос на железничката пруга Истанбул-Минхен, преку Љубљана, Загреб и Белград, претседателот Иванов рече дека таа пруга се спојува и со нашите пруги и на тој начин и ние се вмрежуваме, а тоа е основа за поголема соработка.

Германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел имаше свое обраќање на Состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот" во Дубровник.

„Нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас", истакна германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел денеска во Дубровник пред учесниците на состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот".

Канцеларката е оптимист дека може да се најде решение за тоа прашање. „Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли", рече г-ѓа Меркел.

Германија, како што подвлече, е подготвена на конструктивна соработка за решавање на ова прашање, но додаде дека без компромис не се може.

samitbrdo5„Во Германија велиме „компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни". Кај компромис не може да очекувате дека се ќе заврши со среќен крај за сите. Но, кога сите се еднакво незадоволни, тоа е фер компромис. Мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на Европската унија", истакна германската канцеларка пред осумте лидери од Југоисточна Европа.

Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Ова е заклучокот кој го донесоа лидерите на „Брдо-Бриони процесот" на денешниот состанок во Дубровник.

Изразивме надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори за Скопје, имајќи ја предвид можноста на паралелни пристапни преговори и завршување на билатералните разлики, се вели во заклучокот од состанокот на осумте претседатели на земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Во заклучоците, е наведено дека лошата инфраструктурна состојба во регионот е сериозна препрека за економскиот развој и за слободен проток на луѓе, стока и капитал и дека тоа не е само регионална инфраструктура, туку и европска.

Како клучни проекти кои ќе ја зајакнат врската на региoнот со ЕУ во заклучоците се посочени Јадранско-јонската магистрала и железничката пруга Минхен-Истанбул, преку Љубљана-Загреб и Белград, кои се сметаат за европски проекти од сите аспекти на планирање, финансирање и изградба.

Лидерите заклучија дека треба да се охрабри Европската комисија да ги забрза планирањата на транспортната и енергетската инфраструктура, вклучувајќи го Западен Балкан како интегрален дел на европската мапа.

Во заклучоците стои и дека треба да се поддржат регионалните проекти што се со цел да го отворат јужниот гасовод за пренос на природниот гас, а истовремено тоа ќе претставува безбедносна заштита на регионот.

Состанокот во Дубровник е продолжение на стратешкиот дијалог на лидерите од Југоисточна Европа, кој во овој формат почна во Загреб на 1 јули 2013 година, а продолжи со состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот" со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.
samitbrdo6

  Back<<Назад