|
Амбасадорот на Обединетото Кралство Кристофер Ивон ги предаде акредитивните писма
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот ополномоштен амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. г-дин Кристофер Ивон. На средбата, Амбасадорот Ивон ги пренесе поздравите и најдобрите желби на Нејзиното Височество, Кралицата Елизабета Втора. Претседателот Иванов изрази благодарност поради константната и искрена поддршка на Обединетото Кралство за Република Македонија и за нашите заеднички стратегиски цели. Како најважни приоритети на Република Македонија, Претседателот Иванов и Амбасадорот Ивон во заедничкиот разговор ги идентификуваа процесите кои водат кон создавање на обединета Европа, како зона на безбедност, напредок и благосостојба. Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Британија за обезбедување на европската иднина во рамките на целиот регион, и подвлече дека како и досега, Македонија останува вистински партнер на демократските и просперитетни сили во развојот на Балканот. На средбата беше истакнат заедничките напори на двете држави за промовирање на слобода и мир во светот, кои создаваат нераскинлива врска меѓу двете држави. Претседателот Иванов на средбата истакна дека Обединетото Кралство, како лулка на демократијата и слободата, е значителен партнер на Република Македонија во нашите реформски процеси, борбата против корупцијата, развојот на судството, потоа во економскиот развој благодарение на британските инвестиции во Република Македонија. Претседателот изрази надеж дека во текот на мандатот на Амбасадорот Ивон ќе бидеме сведоци на либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Република Македонија, како резултат на успешно спроведените реформи во таа област.
|