Честитки за освоеното трето место во Европа - Претседателот Иванов ги прими ракометарките на ЖРК „Вардар“
Четврток, 08 Мај 2014   

vardar1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите и раководството на женскиот ракометен клуб „Вардар СЦБТ“, по повод освоеното трето место во годинашното издание на Фајнал-фор турнирот на Лигата на шампионите во Будимпешта.

Претседателот Иванов им честита на ракометарките за големиот успех, и освоеното трето место, и истакна дека како и досега, така и во иднина безрезервно ќе ги поддржува сите македонски спортисти, додавајќи дека кога се игра тимски, успесите доаѓаат и се неизбежни. Многу сме горди на вас. Направивте навистина многу за македонскиот ракомет претставувајќи ја нашата држава, рече претседателот Иванов. Со врвните резултати кои константно ги бележите, а особено со освоеното трето место во годинашното издание на Лигата на шампионите покажавте дека кога човек е посветен на некоја работа секогаш постигнува успех, рече шефот на македонската држава. Достигнувањата на спортистите се позитивен пример и мотив и за младите генерации да се занимаваат со некој спорт, но истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Претседателот на клубот и прославената ракометарка, поранешен голман на македонската репрезентација, Гордана Нацева, изјави дека нивната екипа постигна многу за кусо време и оти за наредната година имаат шампионски амбиции. Со многу работа и посветеност го постигнавме третото место и достоинствено ја претставивме Република Македонија и на терен и надвор од него, рече Нацева. Приемот кај претседателот на државата ракометарките на ЖРК „Вардар“ СЦ „Борис Трајковски“ го оценија како мотив за постигнување поголеми резултати и претставување на Македонија во најдобро светло, бидејќи спортот е најголем амбасадор на една земја.

Македонските ракометарки го освоија третото место со победата над дански Митјиланд со 34:31 на фајнал-фор турнирот во Будимпешта.

vardar2

  Back<<Назад