|
Претседателот Иванов на трибина посветена на Охридскиот рамковен договор
|
|
|

На денешната трибината насловена „Охридскиот рамковен договор денес и во иднина“ македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов нагласи дека во нормативниот дел моделот е отворен проект во кој се вградуваат барањата на секоја генерација што го прави овој договор динамичен. - Охридскиот рамковен договор е создаден за надминување на непријателствата во Македонија и е специфичен македонски модел на мултиетничко општество заснован на интеграција без асимилација. Тој се темели на нашата традиција на заемно почитување меѓу етничките заедници. Постигнувањата во однос на имплементацијата во изминатите девет години се мерливи, но неговата целосна имплементација чини многу и за да биде целосно функционален неопходен е бруто домашен производ од 8 илјади долари по глава на жител, а Македонија во овој момент остварува само половина, рече претседателот Иванов на трибината во хотелот Холидеј Ин во Скопје, на која учествуваа и заменик Претседателот на Владата на Република Македонија Абдулаќим Адеми и професорите Зоран Илиевски и Имер Исмаили, под модерација на Ризван Сулејмани. Целосната имплементација на Рамковниот договор, како што нагласи претседателот Иванов, е услов за евроатлантските интеграции на Република Македонија. Адеми, вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор, во своето обраќање рече дека благодарение на имплементирањето на договорот, Македонија во 2005 година доби статус на земја кандидат за членство во Европската Унија. - Охридскиот рамковен договор го гарантира унитарниот карактер на државата, и го исклучува насилството за остварување на политички цели – изјави Адеми. Според професор Илиевски, законскиот дел од Рамковниот договор е заокружен, но потребна е работа на терен. - Така на пример правичната застапеност бара образовни кадри…мора да се работи и во сверата на образованието за да имаме добра јавна администрација и квалитетни услуги за граѓаните - рече професор Зоран Илиевски.
|