|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, на првиот ден од новата 2014 година, ги посети припадниците на АРМ во касарната „Алексо Демниевски – Бауман" во Велес.
„Традиционално, првиот ден од новата година сум со припадниците на Армијата на Република Македонија. Оваа година тоа се припадниците на армијата во касарната во Велес. Честитајќи им ја новата година, им посакувам се најубаво во животот, им посакувам да им се исполнат сите желби што ги имаат. Воедно, честитајќи им ја новата година, од името на граѓаните на Република Македонија, им искажувам огромна благодарност за сето она што го прават за Република Македонија, обавувајќи ги професионално своите обврски. Ова е, воедно и момент, сите припадници на Армијата на Република Македонија кои се во мирновни мисии во странство да ги поздравиме и да им ја честитаме новата година. Како и секоја година и оваа година желбата ни е да ги оствариме нашите стратешки цели - Македонија да биде членка на НАТО", изјави претседателот Иванов во Велес.
Воедно, претседателот Иванов им ја честиташе новата година на сите граѓани на Република Македонија.
„Да им посакам многу здравје, многу радост, многу просперитет во сите области. Им посакувам лична среќа, едноставно да бидат среќни и годината да им помине во убаво расположение и сето она што го посакуваат да им се исполни, како на нив, така и на нивните семејства", изјави претседателот Иванов за време посетата на велешката касарна.

|