Претседателот Иванов им подари новогодишни пакетчиња на децата на македонските мировници во мисиите „ИСАФ“ и „АЛТЕА“
Понеделник, 30 Декември 2013   

mirovnici1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија, кои служат во мировните мисии „ИСАФ" и „АЛТЕА".

Претседателот Иванов на децата им подари новогодишни пакетчиња и им посака Новата година да им биде исполнета со многу здравје, среќа, успех во учењето и радосни детски денови.

Во оваа прилика беше воспоставена и видеоврска со македонските мировници во Кабул и во Сараево, при што децата имаа можност да ги поздрават своите родители.

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ во мисиите „ИСАФ" и „АЛТЕА" им ги честита новогодишните и божиќните празници, го поздрави нивниот професионализам и посветеност во извршување на должноста, и им посака многу здравје, среќа и уште поголем успех идната година.

Македонските мировници се заблагодарија за упатените честитки од Претседателот и врховен командант на вооружените сили и воедно ги честитаа новогодишните и божиќните празници.

„Мисијата и довербата која ни ја доверивте ќе ја завршиме успешно", порачаа мировниците од мисијата „ИСАФ" во име на целиот контингент со желби за среќа, здравје и натамошни успеси во Новата година.

И припадниците на мисијата „АЛТЕА" во Сараево ја честитаа Новата година на Претседателот, на сите припадници на АРМ и на сите граѓани на Република Македонија и истакнаа дека македонскиот контингент стручно, најсовесно и одговорно ги извршува сите задачи кои произлегуваат од мисијата.

На приемот присуствуваше и Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески.

mirovnici2

  Back<<Назад