|

"Дојдено е вистинско време Македонија да ги почне преговорите за членство со Европската унија. Ниту една земја во Европската унија нема да има никаква штета, ниту назадување ако почнат преговорите", порача претседателот на Република Австрија, г. Хајнц Фишер по денешната средба со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Виена.
Австрија, нагласи претседателот Фишер, има јасна позиција по ова прашање, добри аргументи и ќе го поддржи процесот колку што може.
„Австрија е членка и иницијатор на Групата пријатели кои се позитивни по односна одлуката за старт на преговорите. Тоа секако го вклучува и процесот на медијација и дискусија меѓу земјите кои се за почеток на преговорите и на пример Грција и Бугарија", рече Фишер.
Според него, Австрија е подготвена за дијалог и за позитивен исход од дијалогот бидејќи, како што потенцира, факт е дека пет години по ред Европската комисија за Република Македонија вели дека ги исполнила потребните критериуми за старт на преговорите.
„Исполнувањето на потребните критериуми не значи дека се е веќе совршено, туку дека одредено ниво е достигнато и треба да продолжите да градите модерно општество врз владеење на правото, борба против корупцијата", напомена австрискиот претседател. Достигнувањата, потенцира уште еднаш, се такви што преговорите треба да почнат.
И македонскиот претседател Иванов подвлече дека никој не губи ако Република Македонија ги почне преговорите за членство со ЕУ. Со тоа, додаде претседателот Иванов, ЕУ си го враќа кредибилитетот, токму на прашањето со Македонија.
„Многу земји на Балканот одат напред, само Република Македонија поради прашањето за името со Грција е во статус кво состојба. Бараме тоа што побрзо да се надмине", нагласи македонскиот претседател.
На денешната средба двајцата претседатели заеднички констатираа дека главната цел, интерес и правец во кој ќе се движи Европската унија треба да бидат заедничките вредности и политиката која ќе го вклучи Западен Балкан во европската заедница.
На средбата стана збор и за билатералните односи, за мултилатералната соработка и економските проблеми со кои се соочуваат речиси сите земји во Европа.
Австрија, како што изјавија претседателот Фишер и претседателот Иванов, била и останува голем поддржувач на Република Македонија во секоја сфера, евроинтеграциите, економскиот и политичкиот план.
Претседателот Иванов од денеска е во работна посета на Република Австрија. Утре, македонскиот претседател ќе учествува и ќе има свое обраќање на Третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка.

|