Претседателот Иванов во официјална посета на Швајцарската Конфедерација
Понеделник, 26 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во рамките на официјалната посета се сретна со претседателот на Швајцарската Конфедерација Дорис Лојтхард. Односите меѓу Македонија и Швајцарија се многу добри и без отворени прашања, а особено во делот на економската соработка, каде постои можност за натамошно подобрување, оценија претседателите на двете земји  Иванов и  Лојтхард по денешната средба во замокот Лохн во Керзац крај Берн.
Претседателот Иванов посочи дека двете земји во континуитет ги градат односите и се заблагодари за помошта што и ја дава Швајцарија на Македонија за да ги достигне критериумите на НАТО и ЕУ и со тоа да ги исполни стратешките приоритети.
-Финансиската и техничката помош што ја добиваме од Швајцарија значително влијае на развојот на нашите реформи и градењето мултиетничка демократија. Со Швајцарија имаме извонредни билатерални и мултилатерални односи и ги користиме нивните искуства во претседавањето со Советот на Европа, рече Иванов.

Претседателот на Швајцарската конфедерација Дорис Лојтхард истакна дека соработката меѓу двете земји продолжува
- Се довговоривме и понатаму да ја продлабочиме нашата соработка особено во делот на животната средина, водоснабдувањето и полициската соработка. Во интерес на Швајцарија е мирен и стабилен Балкан поради што ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија во нејзините напори да стане членка на Европската унија, изјави претседателката Лојтхард.
Претседателот Иванов нагласи дека има голем простор за зголемување на економската соработка меѓу двете земи и додаде дека македонската дијаспора која брои преку 60.000 лица во Швајцарија може да биде мост на поврзување.
- Ние сме горди на нашите иселеници и очекуваме уште повеќе да ги подобрат врските меѓу нашите две земји бидејќи кога доаѓаат во Македонија тие носат и дел од Швајцарија, рече Иванов.
Прашан колку кочењето на интегративните процеи влијае врз безбедноста на Македонија, претседателот Иванов оцени дека тоа не влијае само на безбедноста во Македонија туку и на целиот регион.
- Билатералниот проблем го блокира процесот на стабилизација на целиот регион, а блокирањето на членството во НАТО од страна на Грција придонесе за откажување на најавените инвестиции во Македонија, рече Иванов.
Замолена за коментар за проблемот што го наметнува Грција со името на Македонија, швајцарската претседателка Лојтхард, рече дека не е работа на Швајцарија да коментира спорови меѓу две држави.
- Швајцарија секогаш учествува во решавањето на конфликти и ја нуди својата помош, но за да може да го направи тоа потребно е да се поднесе барање. Досега никој до нас не поднел барање за помош во спорот со името, рече Лојтхард и додаде дека се недева оти зачестените билатерални средби меѓу претставници на Македонија и на Грција ќе помогнат да се најде заемно прифатливо решение.
Според неа, одолговлекувањето на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ ќе придонесе за демотивирање на населението.

  Back<<Назад