|
Mинистерот за европски прашања Лелуш кај претседателот Иванов
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за европски прашања на Француската Република г-дин Пјер Лелуш. На средбата се разговараше за соработката и пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со постојана динамика. Претседателот Иванов подвлече дека Македонија придава највисоко можно значење на развојот на односите и соработката со Франција и оцени дека политичките контакти на високо и особено на највисоко ниво се исклучително значајни и даваат силен импулс во позитивен правец. Во разговорите акцент се стави на евро-атлантските приоритети на Република Македонија и цврстата решеност за полноправно членство во Европската Унија и во НАТО. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија оствари значајни резултати во процесот на евроинтегративните процеси со кои се овозможи воведување на визната либерализација за граѓаните на земјава и добивање на препорака од Европската Комисија за почеток на пристапните преговори. Земјава останува целосно фокусирана на реформските процеси, а добивањето на што поскорешен датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија останува клучна цел за Република Македонија. Во оваа насока е и максимизирање на напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името наметнат од Република Грција, што се води под покровителство на ООН. На средбата двајцата соговорници се согласија дека и покрај добрата соработка меѓу двете земји сепак постои можност за што поголема соработка на економски план, бидејќи само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност.
|