|

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и неговиот латвиски колега Валдис Затлерс денеска во Скопје разговараа за пренесување на евроатланските искуства и за подобрување на вкупната соработка меѓу двете земји, со акцент на економската соработка. - Клучен национален приоритет за Република Македонија е што побрзо да ги почне преговорите за влез во ЕУ, бидејќи тоа е кохезивен механизам за општество како Македонија - изјави Претседателот Иванов. Посочувајќи дека треба да се интензивира соработката меѓу Македонија и Латвија, Иванов истакна дека од особена важност е интензивирање на економската размена, која сега е на симболично ниво. За таа цел, најави тој, двајцата претседатели иницирале одржување бизнис форум, како и заокружување на правната рамка. Денеска е потпишан и Меморандум за разбирање меѓу министерствата за одбрана на Република Македонија и на Република Латвија за соработка во областа на одбраната. Во Меморандумот се предвидува соработка меѓу двете министерства во областите на одбранбената и безбедносната политика, демократската контрола на вооружените сили, заштита и размена на информации за заеднички иницијативи во рамките на евроатланскиот партмерски совет, во областа на образованието на воен и цивилен персонал. Латвискиот претседател Затлерс истакна дека со Македонија ќе ги споделат нивното искуство, како и грешките во однос на евроатланските интеграции. Тој истакна дека го поддржува влезот на земјата во ЕУ и во НАТО. - Кон ова треба секојдневно да придонесувате. Понекогаш ќе бидете во ситуација да жртвувате нешто, да направите компромис или консензус. Ако се осврнеме на ЕУ ќе видите дека понекогаш одлуките се донесуваат навистина многу споро, бидејќи мора да се постигне консензусот на многу држави. Кога ќе се донесе оваа одлука, таа е навистина издржана - изјави Затлерс. На земјите од Западен Балкан, Латвија гледа како на дел од Европа. - Заедничкиот пазар и колективната одбранбена политика ги гледаме како одржлив развој на секоја држава, изјави латвискиот претседател. Балканот и Балтикот, додаде тој, се на големо растојание, но тоа не е вистина. - Нашето искуство покажува дека е потребно да имаме брза и одржлива комуникација, изјави латвискиот претседател. - Во Македонија има евроентузијазам, изјави претседателот Иванов, прашан да ја коментира последната анкета на Секретаријатот за европски прашања, во која се забележува опаѓање на поддршката за влез во ЕУ. Шефот на државата вели дека не знае за некоја друга држава каде поддршката за влез во ЕУ била толку висока. Неговиот латвиски колега рече дека не би било добро кога не би имало евроскептици. Ова е прва посета на латвиски претседател на Македонија.
|