Честитка до Кралот на Шпанија Хуан Карлос Први, по победата на шпанската фудбалска репрезентација
Понеделник, 12 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Неговото височество, Кралот на Шпанија Хуан Карлос Први, по повод победата на шпанската фудбалска репрезентација на Светското првенство кое се одржа во Јужна Африка. Следи текстот на честитката -
Ваше Височество,
Ми претставува особено задоволство во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име да Ви го честитам освојувањето на титулата светски првак, за првпат во богатата фудбалска историја на Шпанија. Обединувањето на двете титули, европската и светската, е доказ за врвниот квалитет, сплотеноста и прекрасната атмосфера што владее во репрезентацијата. Впрочем јас, како и цела фудбалска Македонија, лично се уверив во тоа при минатогодишното гостување на шпанските фудбалери во Скопје, кога присуствувавме на еден меч за паметење. Се надевам дека не е далеку денот кога нашите две репрезентации ќе се сретнат на едно Европско или Светско првенство, што е желба на огромен број на фудбалски вљубеници во Република Македонија.
Испраќајќи уште еднаш искрени честитки до Вас и до пријателскиот шпански народ, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад