Средба на претседателот Иванов со словенечкиот министер Тина Комел, задолжена за словенечката заедница во странство
Четврток, 19 Септември 2013   

slo1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Тина Комел, министер без ресор за односите меѓу Република Словенија и автохтоната словенечка национална заедница во соседните земји и меѓу Република Словенија и Словенците во странство.

На средбата е изразено задоволство од пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, без отворени политички прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка на билатерален и мултилатерален план.

Двајцата соговорници се согласија за важноста на редовните контакти на највисоко ниво меѓу двете земји, нагласувајќи го нивното значење за натамошното јакнење на меѓусебните односи и збогатување на соработката.

На средбата претседателот Иванов и министерот Комел разменија мислења за повеќе прашања од иселенички аспект, при што е констатирано дека овозможени се услови за успешна интеграција на Македонците и иселениците од Република Македонија во словенечкото општество.

Претседателот Иванов изрази задоволство од позитивниот однос на Република Словенија кон македонското национално малцинство, чиј национално-културен и верски идентитет се афирмира согласно меѓународните стандарди, финансиски се поддржува реализирањето на проектите од областа на културата и образованието, а се води грижа и во однос на можноста за изведување дополнителна настава по македонски јазик и национална историја.

Двајцата соговорници се согласија дека Декларацијата за положбата на националните заедници од 2011, на словенечкиот Парламент, е чекор напред кон постабилен третман на Македонците во Словенија.

Од македонска страна е изразено очекувањето за реализација на емисија на македонски јазик на програмите на словенечката државна радио и телевизија.

Претседателот Иванов и министерот Комел се согласија дека можностите за работа на македонските културни друштва претставуваат солидна основа за натамошно развивање и продлабочување на пријателските односи и врски меѓу двете земји.

На средбата е изразен и интерес за склучување билатерална спогодба за заштита на Македонците во Република Словенија и на Словенците во Република Македонија, согласно внатрешните законодавства.

slo2

  Back<<Назад