|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети општина Аеродром, при што оствари средба со градоначалникот на општината, г. Ивица Конески и притоа присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новиот парк во населбата Горно Лисиче.
Претседателот Иванов и градоначалникот на општина Аеродром, Конески оценија дека со изградбата на новиот парк се подобруваат условите и за граѓаните во руралниот дел од општината.
„Граѓаните ќе имаат места каде да се релаксираат, а децата за забава. Ова е за пофалба и покажува дека тоа што го бараат граѓаните се реализира", изјави претседателот Иванов.
Според градоначалникот Коневски, изградбата на паркот е со цел жителите на руралниот дел да ги добијат неопходните услови што ги има и во урбаниот дел.
„И понатаму ќе продолжиме со целосна урбанизација на руралниот дел", рече градоначалникот Конески.
Паркот е на површина од 6.500 метри квадратни, а неговата изградба чини 35 милиони денари обезбедени од општинскиот буџет.Паркот содржи зелена површина од 3.000 метри квадратни, уредена со висока и ниска вегетација со повеќе видови зимзелени и листопадни растенија, цветни грмушки и барски растенија. Новиот парк содржи и езеро на две нивоа со пешачки мост, а над езерото е поставен видиковец. Содржи и детско игралиште со реквизити, пешачки патеки, жарданиери, чешми, канти за отпадоци и клупи.
На новинарско прашање дали има напредок во разговорите за името по последните средби со медијаторот Метју Нимиц со македонската и со грчката страна, претседателот Иванов изјави дека се уште нема решение за прашањето за името и приближување на ставовите.
„Има согласност за името Македонија да биде содржано во решението, но приближување на ставите се уште нема. Тоа што го кажа Нимиц тоа е реалноста и ние очекуваме грчката страна да се држи до рамката во која се водат преговорите бидејќи постои дефинирана рамка од Обединетите нации", изјави денеска претседателлот Иванов.
Според него, другата страна секојпат настапува ултимативно и настојува само нејзините барања да бидат задоволени, а не барањата и потребите на другата страна.
„Станува збор за заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме дека грчката страна конечно ќе се придржува до рамката која е предвидена. Некојапат и времето носи решение, а реалноста е таква каква што е што ја пренесе Нимиц," рече претседателот Иванов.
На новинарско прашање дали е точно дека е прифатено во решението да има географска одредница и оти проблем е каде да се наоѓа, македонскиот претседател одговори дека состојбата е дека нема решение.
„Тие се детали. Станува збор за предлог, предлогот има многу нијанси. Господинот Нимиц треба и од нашата страна, нашиот став, нашата позција и од грчката да дојде до заемно прифатливо решение. Се се тоа шпекулации, фактички сега состојбата е дека нема решение", изјави претседателот Иванов.
На новинарско прашање како ја оценува состојбата на македонско-косовската граница, претседателот Иванов изјави дека по ембаргото од Косово за увоз на македонски производи бара почитување на ЦЕФТА договорот и се надева дека косовската држава ќе најде институционално решение за проблемот.
„Лично бев изненаден од тоа што го презема косовската страна затоа што постои договор за ЦЕФТА и тој договор треба и Косово да го почитува. Меѓутоа се надевам дека институциите во Косово ќе најдат институционално решение за ова прашање. Не доликува ова да се случува кога имаме во подем многу состојби меѓу нашите две држави и кога очекуваме подобрување на многу работи", изјави денеска претседателот Иванов. Според Претседателот, неговите советници се во контакт со кабинетот на претседателката на Косово и се настојува да се најде решение.
„Се надеваме дека после рокот поставен од нас, по завршување на мерката преземена од Владата ќе има нормализирање", рече претседателот Иванов и најави дека ако до понеделник не се најде решение, за тоа ќе разговара на средбата што треба да ја има в понеделник во Драч со претседателите на Албанија, Црна Гора и на Косово. Сепак, македонскиот претседател изрази надеж дека дека дотогаш ќе се најде решение.

|