Средба со студенти од Витон колеџот во Чикаго
Петок, 02 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со поголема група студенти од Колеџот Витон од американската сојузна држава Илиноис. Претседателот Иванов со студентите, кои се на патување низ Европа чие цел е запознавање на разните европски политички системи, зборуваше за македонскиот демократски модел, за македонското мултиетничко општество и за различностите на верите, културите и традициите во земјата. Претседателот Иванов истакна дека македонскиот интегративен модел на разните етнички заедници и заедничкото носење одлуки во демократскиот процес е успешен модел кој нуди демократски развој и напредок.
Студентите и професорите од Витон го прашуваа Претседателот Иванов и за македонските реформи и интеграциите во НАТО и во Европската Унија. Претседателот Иванов истакна дека главна стратегиска цел на Македонија е завршувањето на овие процеси, што е од голема полза и за другите земји од Европа и од регионот. Претседателот Иванов ги истакна позитивните промени кои се случуваат во регионот, со зацврстувањето на демократијата, подобрената комуникација на граѓаните од разните држави, и развивањето на заедничкиот економски пазар и културната размена.
Студентите од САД се интересираа за разликите меѓу македонскиот и американскиот политички модел, како и за економските и културните односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Тема на разговор на Претседателот Иванов со студентите од колеџот Витон беше и моралноста во денешниот свет, улогата на државата и политичките теории.

  Back<<Назад