|
Претседателот Иванов им честиташе на победниците на Охридскиот пливачки маратон
|
|
|
Рајмон Аксел од Франција во машка и Мартина Грималди од Италија во женска конкуренција се овогодинешните победници на Охридскиот пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
Трката стартуваше кај комплексот „Св. Наум", а заврши кај градското пристаниште во Охрид. На 30 километри долгата патека „Климе Савин" се натпреваруваа вкупно 28 пливачи од четири континенти, 17 во машка и 11 во женска конкуренција. На 27-то издание на меѓународниот пливачки маратон, Република Македонија беше претставена од четворица пливачи, Евгениј Поп Ацев, Александар Панчевски и Александар Илиевскипредводени од искусниот маратонец Томи Стефановски.
По пристигнувањето на победниците на целта, кај градското пристаниште, претседателот Иванов, им честиташе за победата и им додели лаворови венци.
Во чест на учесниците на Охридскиот пливачки маратон, беше приреден и свечен прием, на кој македонскиот претседател на годинешните победници на маратонот им ги врачи трофеите
„Дозволете, од сè срце, да им честитам за постигнатото и на победниците и на оние кои годинава не се закитија со трофеите. Сакам да знаете дека овде нема поразени. Сите кои учествуваат на оваа манифестација и стигнуваат на целта се победници. Ви посакувам и понатаму да продолжите да доаѓате на Охридскиот маратон. Бидете уверени дека вратите на Охрид и Македонија секогаш ви се ширум отворени", им порача претседателот Иванов на учесниците на маратонот.
Охридскиот пливачки маратон е дел од 12-те трки во Гран При серијата на Меѓународната пливачка федерација и традиционално се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

|