Претседателот Иванов во посета на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Петок, 19 Јули 2013   

seiz1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Вработените пред претседателот Иванов ја претставија работата на оваа институција, која врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност на територијата на Република Македонија.

„Во годината кога одбележуваме 50 години од катастрофалниот скопски земјотрес, во посета сме на Сеизмолошката опсерваторија, место каде се бележат, анализираат проучуваат, истражуваат сите потреси што се случуваат на наше тло и во нашето опкружување. Со оваа посета, на некој начин, сакаме да им дадеме признание за целиот нивен труд што го вложуваат во бележењето, во истражувањето на сите потреси, на сите нови достигнувања во оваа сфера на сеизмологијата. Тоа беше поводот за оваа денешна посета", изјави претседателот Иванов.

На новинарско прашање во врска со работата на ад-хок комисијата за расветлување на настаните од 24 декември, претседателот Иванов најави дека следната недела ќе се сретне со нејзиниот претседател Борче Давитковски, со цел да му ги образложи причините зошто сака да поднесе оставка од местото претседател на комисијата.

seiz2„Во текот на идната недела ќе се видам со него и ќе се обидам да видам за што станува збор, до каде е работата со комисијата и зошто тој бил принуден на тој гест, изјави претседателот Иванов.

Прашан за негативниот одговор на грчкиот премиер Андонис Самарас за средби со македонските власти, претседателот Иванов посочи дека Република Македонија нема соговорник во надминувањето на наметнатиот спор околу името.

„Сите проблеми што ги имаме ние во регионот секој пат се решаваат со дијалог, со разговор. Затоа го посочивме и примерот меѓу Хрватска и Словенија. Словенија како земја членка на Европската унија беше принудена европски да се однесува кон земјата кандидат. Меѓутоа, решението да се водат паралелно преговорите и решавање на проблемот беше донесен меѓу Словенија и Хрватска. Седнаа преставниците во Љубљана и во Загреб и дојдоа до решение. Гледате, ние на секоја наша иницијатива добиваме негативен одговор. Всушност, што и да очекуваме од човекот кој го создаде проблемот, кој сега сака едноставно да се отргне од решавање на тоа што тој пред две децении го создал", изјави претседателот Иванов.

seiz3

  Back<<Назад