|
Конституирана Комисијата за настаните од 24 декември
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на Комисијата за расветлување на настаните кои се случија и кои претходеа на 24 декември 2012 година. Формираната комисија е во состав г. Борче Давитковски – претседател, и членови г. Илија Димовски, г-ѓа Благородна Дулиќ, г. Љубомир Данаилов Фрчкоски и г-ѓа Рената Треневска – Десковска.
Претседателот на Комисијата, професорот Борче Давитковски по средбата изјави дека Комисијата од утре редовно ќе се состанува и дека ќе предложи членовите да прифатат деловник за работа во којшто ќе биде предвиден начинот на донесување одлуки. Денеска се одржа првата конститутивна седница на експертската комисија која има налог и задача да ги испита правните аспекти на настаните што се случија на 24 декември минатата година. Благодарение на претседателот Ѓорге Иванов, неговото посредништво и медијаторство се формира комисијата. Од утре почнуваме сериозно да работиме за да ги испитаме настаните согласно насоките што ни се дадени од договорот што е склучен помеѓу политичките партии и претставниците на ЕУ, рече проф. Давитковски.
Професорот Давитковски посочи дека станува збор за комисија која во рок од 60 дена треба да утврди факти без да носи политички заклучоци. Се надеваме дека во овој рок ќе ја завршиме работата. Ние утврдуваме факти, нема да носиме политички заклучоци, рече претседателот на Комисијата. Заклучоците од Комисијата професорот Давитковски рече дека ќе им ги достави на лидерите на двете политики партии од кои го добил мандатот, односно поддршката да биде претседател на Комисијата.
Претседателот на Комисијата истакна дека има голема волја за расчитување на настаните и кај едните и кај другите. Особено кога, условно да речеме, застанаа зад мене како декан на Правниот факултет со некое правно искуство кое го имам. Ми веруваат и сакаат да се најде решение. Мислам дека тоа е добар знак и сигурно дека во предвидениот рок ќе го направиме извештајот и ќе го доставиме каде што треба, рече професорот Давитковски.

|