Средби со Емирот на Катар и Претседателот на Латвија
Недела, 30 Мај 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов учествува на Десеттиот Доха Форум во Катар. На Форумот, Претседателот Иванов оствари средба со Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, Емир на Катар, како и со Неговата Екселенција Владис Затлерс, Претседател на Република Латвија.

На средбата со Емирот беше изразено ообено задоволство од продлабочувањето на пријателските односи и постојаниот дијалог на највисоко ниво меѓу двете земји. Двајцата соговорници констатираа дека економската соработка е прашањето на кое двете земји треба да стават особен акцент и да ги максимизираат напорите во периодот што следи. Претседателот Иванов на Емирот на Катар му најави дека до крајот на овој месец, по дипломатски пат, до Кабинетот на Емирот ќе бидат доставени околу 20 конкретни проекти за инвестирање во Република Македонија. Станува збор за проекти за инвестирање во хотели, трговски центри, бензински пумпи, депоа за складирање на гориво, како и други можности за инвестиции на Катар во Македонија. Емирот изрази задоволство од ваквата најава и даде уверување дека лично ќе се заложи за катарските инвестициски власти да се фокусираат на можностите за инвестирање во Македонија. Во контекст на продлабочување на одличните политички односи, како и за развивање на економските односи, Емирот го увери Претседателот Иванов дека во наредниот период се планира и отворање на амбасада на Катар во Македонија.

На средбата со Претседателот Затлерс, двајцата соговорници ги разгледаа можностите за зајакнување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов изрази особено задоволство од прифатената покана на Претседателот Затлерс во јули да оствари официјална посета на Македонија. Претседателот Иванов изрази очекување дека исклучително значајната посета на Претседателот Затлерс ќе им даде силен импулс на врските и на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес. Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната и постојана поддршка на Република Латвија за напорите на Република Македонија за интеграција во евро-атланските структури. Затлерс истакна дека интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија е прашање од кое директна полза ќе имаат и регионот, и Унијата во целина. Претседателот Затлерс го поздрави моделот на мултиетнички соживот и демократија во Република Македонија, како и македонската улога во продуцирање на стабилност во регионот на Југоисточна Европа. Во согласност со принципиелната политика на Латвија Затлерс истакна дека можеме и понатаму да сметаме на силна поддршка на македонските ЕУ и НАТО интегративни процеси. Претседателот Иванов го информираше својот латвиски колега за процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за изнаоѓање на решение на единствената пречка со која Македонија е соочена во интегративните процеси. Претседателот Иванов ја пренесе македонската позиција по ова прашање и нагласи дека Република Македонија е во континуитет е посветена и конструктивна во овој процес, како и дека Република Македонија е таа која бара решение, имајќи ги предвид последиците со кои се соочува додека е надвор од евро-атланските структури. На средбата беа разменети и информации и мислења по однос на регионалните прашања.

  Back<<Назад