Посета на романскиот Претседател Трајан Басеску
Четврток, 27 Мај 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со Претседателот на Република Романија Трајан Басеску, кој е во еднодневна официјална посета на Македонија. По срдечната средба, Претседателот Иванов изјави дека односите меѓу двете земји се добри и пријателски, и се засновани на конструктивна соработка и взаемна поддршка на билетерален и мултилатерален план.
- Заеднички го изразивме задоволството од парламентарната соработка меѓу двете земји и нагласивме дека во иднина очекуваме поголема соработка и во други сфери, како што се воената соработка, соработка во областа на внатрешните работи, правдата, образованието, културата. На Претседателот Басеску му го пренесов интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката во поглед на јакнењето на интегративните процеси во ЕУ и НАТО, и изразив очекување дека Романија и натаму отворено ќе не поддржува - изјави Претседателот Иванов.
Претседателот Басеску ја потврди силната поддршка за приемот на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, велејќи дека тоа ќе се случи наскоро. Претседателот Басеску го даде своето мислење и за спорот кој Република Грција го поставува пред македонските евро-атлански интеграции.
- Како земја го поддржуваме разумниот компромис, заедничко решение од кое што ќе бидат задоволни двете страни. Ниту Грција ниту Македонија не треба да гледаат и да бараат препреки во историското минато. Двете земји треба да се договорат и заедно да ја градат европската иднина. Само заедничка Европа може да ни гарантира сигурен и стабилен Балкан - изјави Претседателот Басеску.
Од своја страна, Претседателот Иванов изрази задоволство од поддршката на романската држава за културата и традицијата на Македонците во Романија, за поддршката на изучувањето на македонскиот јазик во градот Крајова, како и од фактот што во делегацијата на романскиот Претседател беше вклучена и пратеничка од Асоцијацијата на Македонците во Романија.
Двајцата Претседатели воедно ќе се обратат на Романско-Македонскиот Економски Форум во Скопје.
Во Македонија, Претседателот Басеску има средби и со Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски, и со претставници на влашката заедница во земјата.

  Back<<Назад