|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на лозовите насади на „Далвина“ во Хамзали, општина Босилово, присуствуваше на прославата на православниот празник „Свети Трифун“ - заштитник на лозарите. По божествената молитва за успешна работа и бериќет, што ја одржа митрополитот европски Пимен, со симболично отсекување на лозовите стракови, симболично беше започнато кроењето на лозовите насади на „Далвина“. Претседателот Иванов до сите лозари и винари во Македонија упати честитка, со желба за успешна и бериќетна година. На денешниот ден „Свети Трифун“, на сите лозари им посакуваме многу бериќет, а на винарите многу квалитет. Тоа е желба која се посакува на овој ден кога се закројуваат лозите и преку тој обичај се продолжува една многу долга традиција, во нашиот народ кога им се помага на лозарите и им се посакуваат многу желби за родна и квалитетна година. Овој пат сме во Струмичко, за да се види дека не се само Тиквешијата и Повардарието винарски краеви, туку дека и овде се инвестира и се развива лозарството, изјави претседателот Иванов. На покана на македонскиот претседател, на настанот присуствуваа амбасадорот на Соединетите Американски Држави, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, амбасадорот на Француската Република, амбасадорот на Унгарија и амбасадорот на Република Полска. Претседателот Иванов заедно со гостите ја посетија винаријата „Далвина“ во Хамзали, која со своето квалитетно вино станува сериозен конкурент, како на домашниот, така и на светскиот пазар.

|