|
Централно одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“
|
|
Понеделник, 07 Јануари 2013
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски" во Скопје. Со божиќната литургија чиноначелствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ. Претседателот Иванов, по завршувањето на литургијата, на граѓаните од православна вероисповед им го честита Божик и им посака здравје, радост и среќа. На сите што денес го слават големиот христијански празник им го честитам Божик, им го честитам раѓањето Христово. На сите им посакувам многу здравје, многу радост и среќа во текот на целата година. Во духот на нашата традиција, посакувам како што сме сплотени за време на празниците, така да бидеме во текот на целата година. Да бидеме меѓу себе солидарни, да си помагаме меѓу себе и да се почитуваме, истакна претседателот Иванов и ги поздрави православните христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди". Кај семејството Иванови, оваа година паричката од бадниковото лебче се паднала во домот, изјави македонскиот претседател. На литургијата присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, амбасадорот на САД, Пол Волерс, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, како и други личности од јавниот живот во државата. Во Соборниот храм на божиќната литургија со свештенослужителите беше и архимандритот Никодим Царкњас, борец за правата на Македонците во Грција. Претседателот Иванов, по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која традиционално ја организира поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан.

|