Средба со израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман
|
|
Средбата на Претседателот Иванов и министерот Либерман беше посветена на разгледување на односите меѓу двете држави, во контекст на честите и високи средби на државниот врв кои придонесуваат за нов квалитет во односите меѓу Македонија и Израел. Претседателот Иванов, кој го посети Израел во октомври минатата година, истакна дека двете земји имаат одлични билатерални односи и го изрази задоволство од соработката во насока на безбедноста, демократскиот развој и економскиот напредок.
Двајцата соговорници констатираа дека значен момент кој придонесува за меѓусебното разбирање меѓу двете земји се длабоките историски врски меѓу двата народа и сличните судбини кои ги споделуваат.
Претседателот Иванов ги искажа македонските ставови во врска со разликата околу името со нашиот јужен сосед, кој Грција го наметнува како предуслов за македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија. Претседателот потенцираше дека со членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, ќе се даде голем придонес кон економскиот развој и кон ширење на стабилноста во просторот на Југоисточна Европа.
Министерот Либерман истакна дека Македонија е држава која придонесува, не само кон регионалната стабилност и безбедност, туку таа има и значаен удел во меѓународната безбедност со своето учество во мировните мисии во светските кризни зони, но и преку својот уникатен модел на демократија, толеранција и соживот.
Во рамките на заложбата за засилување на економската соработка на двете стопанства, Претседателот Иванов го поздрави вклучувањето на претставници на израелски компании во делегацијата на Министерот Либерман. Претседателот го повтори интересот на Република Македонија за соработка со врвните израелски компании од областа на високата технологија, земјоделството и други гранки.
|