Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
Како Претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили постојано носам одлуки од делокругот на мојата надлежност – надворешната политика, безбедноста и одбраната.
Од лично искуство знам дека клучот за исправните одлуки е вистината. Само тогаш кога знаеме што е вистина, а што е лага, ние можеме да донесеме одлука за доброто на граѓаните и на државата. Но, ова станува сè потешко. Вистината никогаш немала толку непријатели како што има денес. Во нашето време на поствистина, многу лесно е да се биде заведен од лажните вести, алтернативните факти и речиси сеприсутната пропаганда. Со други зборови, од лисјата на лагите честопати не се гледа стеблото и коренот на предизвикот со кој се соочуваме.
Новата ера на суровиот 21 век е време на сложени војни, во кои прва жртва е вистината. И токму затоа, ни треба чувар на вистината. Во вакви услови, исклучително значајна улога имаат институциите кои не само што ја филтрираат вистината од лагата, туку и со аналитичкиот пристап нудат решенија за предизвиците со кои се соочуваме.
Веќе 20 години, една агенција има токму таква улога. Тоа е Агенцијата за разузнавање на Република Македонија. При нејзиното формирање, на Агенцијата за разузнавање ѝ беше доверен клучот за осознавање и за проверка на вистината поврзана со безбедносните закани и ризици. Благодарение на нејзините издржани анализи и истражувања на податоците и информациите, државниот врв може да носи одлуки за доброто на граѓаните и на државата.
Агенцијата постојано нè информира за процесите што генерираат закани по националната безбедност и по трајните и витални вредности. Со тоа Агенцијата ни помага да носиме одлуки во насока на воспоставување стабилно безбедносно опкружување и одржлив развој на долгорочен план.
Во овие 20 години, Агенцијата помогна да избегнеме многу погрешни одлуки, но и полесно да ги пребродиме најголемите премрежија со кои сме се соочиле како држава.
Доволно е да се сетиме на првата деценија од независноста, кога во непосредното опкружување на Република Македонија се водеа војни, се менуваа граници, се формираа нови држави. Во тие сложени услови, ние успеавме да го зачуваме мирот.
Во втората деценија на независноста, нештата се променија. Регионот се смири и се демократизира. Државите почнаа да соработуваат и заеднички да чекорат по европскиот и евроатлантскиот пат. Но, заканите не исчезнаа, само добија нови форми.
Денес, во третата деценија на независноста на Република Македонија, нашето стратегиско безбедносно опкружување одново се менува. Недоволното присуство на Европската Унија придонесе кон ретроградни процеси во нашиот регион. Сведоци сме на отворено мешање во внатрешните работи на државата. Се менува и геополитичката слика на светот. Имаме нови закани и нови ризици. Илегалната миграција, насилниот екстремизам, странските терористички борци и транснационалниот организиран криминал се само дел од бројните предизвици со кои секојдневно се соочува Република Македонија.
Но, успеваме да се соочиме и да ги менаџираме овие предизвици, благодарение на нашиот разузнавачко-безбедносен систем, чиј важен дел е Агенцијата за разузнавање на Република Македонија.
Преку раното предупредување, процените и прогнозите и благовремените информации, Агенцијата ни помага да ги превенираме заканите и да ја чуваме независноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. И, сето тоа го прави со законитост.
Токму затоа имам голема чест, како Претседател и како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, од името на граѓаните, да ја одликувам Агенцијата за разузнавање со Орден „Илинден 1903". Ова одликување е израз на благодарноста на македонските граѓани за сето она што во изминатите години Агенцијата го прави, дури и кога тоа не е видливо за јавноста. Но, истовремено, ова одликување е обврска Агенцијата да продолжи, со уште поголема ревност, професионално да ги извршува своите законски обврски. Пред сè, да продолжи со остварувањето на основните државни интереси на Република Македонија и на нејзините граѓани.
На самиот крај, ве уверувам дека во време кога се соочуваме со големи внатрешни и надворешни предизвици, ние не се плашиме, бидејќи знаеме дека ќе истраеме во нашата цел. Знаеме, бидејќи нашите одлуки се темелат врз две вредности – вистината и правдата за нашата татковина, Република Македонија.
Ви благодарам.
|