Почитуван началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија,
Пoчитуван претседател на Сојузот на резервни старешини на Република Македонија,
Господа генерали,
Претставници на медиумите,
Драги пријатели,
На денешен ден пред дваесет и пет години, токму на ова место, на караулата „Рамна Нива", припадниците на резервниот состав гордо го подигнаа знамето на Република Македонија. Тој чин беше почеток на заокружувањето на еден од неопходните атрибути на самостојноста на Република Македонија, а тоа формирање на сопствена армија. Во време кога во нашиот регион беснееше безбедносна бура, а некои од нашите соседи се сомневаа во нашата државотворност, ние одлучно започнавме да ги обезбедуваме државните граници на нашата млада држава.
Од своето осамостојување до денес, Република Македонија води политика и гради систем што ќе овозможи нејзина целосна евроатлантска интеграција, во согласност со нејзините интереси, потреби и можности. Трансформацијата и модернизацијата на одбранбениот систем претставуваат наша цврста определба и обврска која и покрај некои објективни потешкотии, успешно се реализираат.
Армијата на Република Македонија го сочинува највиталниот дел на единствениот одбранбен систем на Република Македонија и како таква во изминатиот период даде најголем придонес за исполнувањето на високите стандарди на полето на одбраната. Тоа се покажува и со успешното и професионално справување со заканата од илегалната миграција на нашата јужна граница.
Во периодот од дваесет и петте години развој, Армијата на Република Македонија се развива со целосно професионален состав, дизајнирана со структура на сили со развиени соодветни родовски компоненти.
Сето ова ни овозможува, нам, како членка во меѓународните организации, заедно со земјите членки на НАТО, а особено со земјите од непосредното и поширокото соседство, активно да учествуваме во градењето на интегративните процеси на полето на одбраната и безбедноста.
За мене, како Претседател на Република Македонија, е вистинска чест да бидам врховен командант на вооружените сили кои со толкава посветеност ја извршуваат својата уставна и законска задача.
Ценети присутни,
Резервниот состав одигра клучна улога во самите почетоци на нашата армија. Како тогаш, така и денес, 25 години подоцна, за нашата татковина развојот на резервниот состав поставува важна задача. Современите безбедносни предизвици со кои се соочуваме од нас бараат примена на современ, унифициран и сеопфатен систем за образование и обука како на активниот, така и на резервниот состав на Армијата на Република Македонија.
Развојот на активен и резервен армиски состав, опремен со борбени вештини, способности и знаења за извршување на различни мисии како во земјата така и надвор од нејзините граници е клучен за две нешта:
Прво, доследно извршување на мисијата и задачите кои на Армијата на Република Македонија ѝ се доделени со Уставот и со законите на Република Македонија.
И второ, достигнување на интероперабилност и компатибилност со земјите членки на НАТО.
Односот помеѓу активната и резервната компонента на Армијата на Република Македонија мора да го трансформираме во согласност со мисијата и со задачите на АРМ, прилагодени за ефикасна одбрана на целата територија на Република Македонија. Во функција на ова, приоритетна цел за нас ќе биде одбранбеното планирање, кое јасно ја дефинира потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата на ниво на активната компонента.
Поаѓајќи од сопствените потреби, а во согласност со современите трендови, резервните сили треба да се трансформираат во поефикасна вооружена компонента, со соодветна и прилагодена организациска структура.
Затоа, главна задача на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ е дополнително да ја зацврстат поврзаноста меѓу активниот и резервниот состав. Ваквиот сериозен приод кон резервата во иднина ќе значи редефинирање на резервата во одбранбениот систем и несомнено вклучување на сите субјекти од одбраната во процесот на планирање на обуката, вежбите и опременоста на резервата, во насока таа во наредниот период постепено да се изедначува со активниот состав.

Почитувани присутни,
Ќе завршам онака како што започнав.
И денес, како и пред четврт век, се соочуваме со предизвици. Но, и денес, како и пред четврт век, ја имаме Армијата на Република Македонија која е заштитник од заканите, гордост на граѓаните и надеж за мир во земјата.
Токму од ова место, кревањето на македонското знаме го означи остварувањето на вековниот стремеж на генерации востаници, илинденци и борци за слободата на Македонија. Знамето што пред четврт век се крена тука, на Рамна Нива, претставуваше јасна и недвосмислена порака дека ова е територија на суверена и независна држава. Држава која е мирољубива и отворена за соработка со сите добронамерници. Но, истовремено, држава со своја сопствена армија која е подготвена по секоја цена да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.
Ви благодарам.
|