Република Македонија е посветена на принципите и целите на Парискиот договор за климатски промени - обраќање на конференцијата за климатски промени – COP22
Вторник, 15 Ноември 2016   

Marakesh
govor_2Ценети екселенции,

Дами и господа,

Ми претставува чест да ги споделам со вас ставовите на Република Македонија.

Арогантно прогласувајќи се за мерка на сите нешта, ние, како човештво го отфрливме моралниот и етички компас што го водеше нашиот однос кон природата. Без компас скршнавме од патот. Некритички дозволивме технологијата, како наша креација, да ги креира нашите потреби. Вештачките индустриски системи ги развивме и ги проширивме на сметка на природните екосистеми. Го уништуваме светот што ни беше доверен на чување. Со нашата култура на фрлање, го претворивме нашиот заеднички дом во ѓубриште и ја компромитиравме иднината на нашите потомци.

Веќе ги чувствуваме последиците од неодговорниот однос. Покрај милионите политички и економски, сè побројни се и климатски и еколошки мигранти кои се во потрага по живот со достоинство.

За да го решиме проблемот, не можеме да се ограничиме само на третирање на последиците. Мора да ги адресираме причините.

Минатата година се собравме во Париз, каде речиси едногласно го усвоивме Договорот за климатски промени. На 4 ноември, пред само 10 дена, овој историски договор стапи на сила. Ова е потврда дека како човештво ние конечно престанавме да го негираме проблемот и дека имаме доволно политичка волја за да се соочиме со реалноста на климатските промени.

Како земја потписник, Република Македонија е посветена на принципите и целите на Парискиот договор за климатски промени. Нашата посветеност ја покажавме и како 23. земја во светот која го утврди сопствениот национален придонес за намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Иако е земја во развој во рамките на Обединетите нации, Република Македонија во исполнување на своите обврски оди чекор понатаму, особено во делот на известувањето, со кое се приближува кон обврските кои ги имаат развиените држави, вклучително и Европската Унија. Но, товарот е голем, а нашите ресурси се ограничени.  Република Македонија заслужува фер и рамноправен третман. За успешно да го спроведеме договорот од Париз, потребен ни е пристап кон меѓународни финансиски механизми за климатските промени, како Зелениот климатски фонд, и трансфер на технологии.

Дами и господа,

Денеска сме тука во Маракеш да го продолжиме она што го започнавме во Париз бидејќи веруваме дека Парискиот договор е мапата што ќе нè врати на вистинскиот пат.

Но, за да се ориентираме, мора одново да го земеме компасот в раце.

Потребни се долгорочни, темелни промени во начинот на производство и потрошувачка.

Тргувајќи со јаглеродните емисии без да ги промениме животните навики нема да биде профитабилно ниту за оваа, а ниту за идните генерации.

Мора да го редефинираме и концептот на развојот кој треба да биде во согласност со природата, а не на сметка на природата.

Можеби не можеме да постигнеме сè, но не смееме да не направиме ништо. Климатските промени се глобален феномен што има потреба од глобален одговор на глобалната заедница што верува во оваа мисија. Само така ќе им овозможиме на идните генерации да живеат со помалку страдање и со поголемо достоинство.

Ви благодарам.
femili_foto_maroko 

  Back<<Назад