Обраќање на отворањето на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Четврток, 03 Ноември 2016   

megureligiski_dijalog_bitola_3Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Денеска сме собрани во Битола, градот со две традиции - „a la turka" што доаѓа од Истокот и „a la franga" што доаѓа од Западот. Иако навидум спротивставени, „a la turka" и „a la franga" кај нас се преплетени преку соживотот, почитувањето и прифаќањето на различноста. Не случајно, Република Македонија токму тука ја организира четвртата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Оваа конференција е посветена на две исклучително важни и актуелни теми – миграцијата и интеграцијата. Но, за да одговориме на овој двоен предизвик, неопходно е да одиме подлабоко. Да размислуваме за улогата на миграцијата во развојот на религијата, од една страна и влијанието на религијата врз миграцијата, од друга страна. За да го расветлиме овој комплекс на прашања, не е доволна само академска расправа. Треба да ги отвориме светите книги.

Читајќи ја Тората ќе забележиме еден наратив што постојано се повторува. Со протерувањето на паднатиот човек од еденската градина, започнува сагата на човештвото кое е осудено на постојано движење, селење и преселување.

Во тој постојан циклус можеби највпечатлива е приказната за Аврам кој бил повикан од Бог да ја напушти својата безбожничка земја Харам и да се упати кон непозната ветена земја. Прифаќајќи го повикот, 75-годишниот Аврам станал најпознатиот мигрант во стариот век. Од тогаш, па натаму наративот на миграцијата станал нераздвоен дел од Божјиот план за човештвото и човековата потрага за Бога.

Понатаму, читаме дека во времето на Аврамовиот внук Јаков настанал голем глад на Блискиот Исток. Египет бил единственото место каде имало доволно храна. За да преживее, старецот Јаков со својот род мигрирал кон плодната долина на реката Нил. Ова е еден од првите документирани случаи на она што денес го нарекуваме економска миграција.

Но, приказната не запира тука. Во наредните четири века Египет станал место во кое Евреите биле поробени, експлоатирани и дискриминирани, а нивните првородени машки деца убивани. Соочен со ваквата репресија, законодавецот Мојсеј го извел еврејскиот народ од тиранијата на фараонот. Но, патот кон слободата се покажал подолг од очекуваното. Евреите како апатриди лутале низ пустината цели 40 години пред конечно да се населат во ветената земја.

12 века подоцна, кога со ветената земја владеел Рим, императорот Октавијан Август решил да го спроведе првиот попис на населението. Тоа значело дека секој треба да се попише во местото на своето потекло. Во Новиот завет читаме за дрводелецот Јосиф и неговата бремена вереница Марија кои морале да го напуштат Назарет и да заминат за Витлеем. Таму, во една пештера, Марија го родила Исус. Ова семејство на патници набргу се соочило со неизбежниот наратив на прогонството. Стравувајќи дека новородениот Месија ќе му ја загрози власта, параноичниот четворовласник Ирод наредил сите машки новороденчиња во Витлеем да бидат убиени.

Но, Јосиф предупреден во сон ја зел Марија и со Исус побегнале во Египет, каде останале цели 12 години, сè до смртта Иродова. Па така, не само што Исус Христос на земјата дошол како дете во семејство на бегалци, туку и самиот тој израснал во она што денес би го нарекле бегалски камп.

Јудаизмот и христијанството не се исклучок. Истото важи и за третата Аврамска религија – исламот. Се смета дека еден од далечните потомци на Исмаил е и пророкот Мухамед, основоположникот на исламот. Во јуни 622 година од новата ера, соочен со смртна опасност, Мухамед пребегнал од Мека во Медина, каде што ја изградил и првата џамија. Важноста на ова бегство познато како Хиџра е толку голема, што во исламот ова се зема за почетна година во сметањето на времето.

Нешто слично наоѓаме и кај источните религии. Знаеме дека во 5 век пред новата ера, на истокот на Индија живеел принцот Сидарта Гаутама. Тој го напуштил раскошниот живот во палатата на својот татко за да се посвети на потрагата по вистината. Соочен со страдањето, минливоста и пропадливоста на животот, тој се откажал од задоволствата за да најде мир, односно нирвана. Со тоа, Сидарта станал Буда.

megureligiski_dijalog_bitola_5Ценети присутни,

Што е заедничко за сите овие стории? Колку и да се меѓусебно различни, светските религии имаат барем едно нешто заедничко. А тоа е дека секоја од нив настанала со повик да се напушти домот, со прогонство, бегство или миграција. Основачите на светските религии биле мигранти, бегалци, прогонети, изгонети...

Аврам излегол од својата идолопоклоничка татковина.

Мојсеј бегал од репресивниот режим.

Исус се родил во семејство на бегалци.

Мухамед бил прогонет поради неговите верувања.

Буда го напуштил домот во потрага по смислата за животот.

Не треба да нè изненадува што во секоја од религиите централно место зазема повикот до луѓето да тргнат на патешествие. Повик да мигрираат од скептицизам кон вера, од бунтовништво кон помирување, од возгордеаност кон понизност, од омраза кон љубов. Бидејќи, да се верува значи да се патува.

Со тоа, од мугрите на историјата и цивилизацијата, патувањето станало најсилната метафора за човековиот живот. А целта на тоа патување е потрага по смисла, значење, дестинација и дом.

Но, истовремено, сведоци сме и на една повратна спрега. Како што миграцијата влијае на религијата, така и религијата или идеологијата влијае на миграцијата.

Тоа влијание може да биде позитивно. Пример за тоа се мисионерите кои со својата пожртвуваност и со силата на аргументите ги освојуваат срцата и мислите на луѓето низ светот. Низ Хераклеа минувал античкиот римски пат Via Egnatia по кој апостолот Павле одел кон Западот, но и аџиите оделе кон Истокот. Од овие простори се и св. Константин ‒ Кирил и Методиј кои биле мисионери кај Сарацените, Хазарите и Словените. Тука се вратиле и нивните ученици, св. Климент и Наум Охридски.

Но, има и темна страна на приказната.  Низ историјата имало многу обиди за ширење на религијата со помош на аргументот на силата. Доведена до крајност, оваа појава раѓа исклучивост, радикализам и екстремизам обединети во намерата да ја уништат различноста. Џихадот, крстоносните војни, погромите се историски примери за насилство во име на религијата, насилство кое е против самата религија.

Дами и господа,

Причини за современиот радикализам и екстремизам има многу.

Познато е дека мигрантската и бегалска криза со која се соочува Европа е последица на конфликтите на Блискиот Исток, кои, пак се последица на непочитувањето на старата поговорка која вели: Да не се отвораат старите рани. А дел од тие стари рани се Ирак, Авганистан, Сирија...

Праволиниските граници исцртани во пустинскиот песок што ги поделиле етничките и религиските идентитети, сега исчезнуваат од новата карта на Блискиот Исток и на Северна Африка. Либија речиси не постои како единствена држава. Политичката карта на Сирија изгледа како леопардова кожа. Ирак и Јемен се поделени на сунитски и шиитски делови. Овој хаос го користат монструозните движења како ИСИС, Боко Харам, Џабл ал Нусра... за да спроведуваат систематско уништување на цели заедници, на нивните домови и храмови. За само неколку години е уништен мозаикот на етничка, религиска и јазична различност што бил создаван и чуван со векови и милениуми.

Но, прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е сè поизразено, не само во несекуларни, туку и во развиени и секуларни општества.

Во изминатите две години, најголем дел од бегалците што дојдоа во Европа потекнуваа од Блискиот Исток. Тоа е простор каде со векови и со милениуми гостопримството кон туѓинецот се смета за светост. Доаѓајќи во Европа, тие сосема природно очекуваа дека со нив ќе се однесуваме онака како што и тие би се однесувале кон нас – со почитување на вроденото и неотуѓиво човечко достоинство. Наместо тоа, во многу случаи наидоа на затворени врати, на страв, предрасуди, недоверба и ксенофобија.

Со ваквиот однос кон мигрантите, некои европски земји создадоа гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Моленбек, Сен Дени и други острови на сиромаштија и исклучивост во богатите европски метрополи станаа гнезда за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

megureligiski_dijalog_bitola_6Освен политичките, постојат и економски и еколошки фактори кои придонесуваат кон сè поголемата раздвиженост во светот. Милиони луѓе ги напуштаат своите домови поради уништувањето на животната средина, екстремните климатски појави, ширењето на пустините и подигнувањето на нивото на океаните. Ќе ве потсетам дека пред само две години го имавме првиот климатски азилант од Кирибати.

Како последица на сево ова, повеќе од кога и да е порано, живееме во време на бегалци и мигранти, раселени и прогонети кои го искусиле чувството на загуба на домот, семејството, татковината...

Според УНХЦР во светот денес има над 65 милиони присилно раселени лица, од кои 21 милион се бегалци, а 10 милиони се апатриди. Тие со себе ја носат сета своја етничка, религиска, јазична и културна различност. Затоа се вели дека сите се наоѓаат секаде и дека секоја религија и верување е присутно или барем достапно во секое општество и во секоја држава во светот.

Почитувани присутни,

Слободата во пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка, во сиромашните општества на третиот свет е само мисловна именка. Во такви услови, развиениот свет треба да им помогне на бегалците и на мигрантите да го остварат овој идеал.

Различноста од Блискиот Исток и од Северна Африка не исчезнува. Таа мигрира кон Европа. Бегалците и мигрантите кои тргнаа во потрага по среќа и  по слобода, се надеваат дека овие идеали ќе ги остварат на нашиот континент.

Соочени со реалноста на растечката различност на Европа, ние сме исправени пред неколку големи предизвици:

Како да научиме да живееме во мир со нашите најдлабоки религиски, идеолошки и идентитетски разлики?

Како да научиме да се почитуваме, наместо само да се толерираме?

Како ќе го постигнеме кревкиот, но важен баланс меѓу човековите права и слободи и човековите обврски и должности кон другите луѓе?

Како да ја гарантираме основната човекова слобода на мисла, совест и вера?

Од одговорот на овие прашања зависи дали ќе успееме да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично меѓународно општество, кое истовремено е и слободно и праведно и стабилно и безбедно. Притоа, најмалку што треба да правиме е да се плашиме, бидејќи стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите, но не и можностите што се пред нас.

Уверен сум дека оваа четврта светска конференција ќе даде дел од одговорот на овие дилеми и ќе помогне да го завршиме овој 21 век помирно отколку што го почнавме.

Ви благодарам.

  Back<<Назад