Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија, Почитуван гувернер на Народната банка на Република Македонија, Почитуван Архиепископ на МПЦ-ОА, Ценети присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Без луѓе ништо не се случува, но без институции ништо не трае. Но, и покрај оваа суштинска разлика, постои нешто што е заедничко за луѓето и за институциите. А, тоа е прашањето за довербата.
Оваа 2016 година се соочивме и сè уште се соочуваме со длабока политичка криза, која е израз на отсуство на меѓусебна доверба во нашето општество. Но, и во такви сложени услови, се покажа дека институциите на државата функционираат и дека ја оправдаа довербата на граѓаните. Една од тие институции е Народната Банка на Република Македонија, која годинава прославува голем јубилеј – 70 години од централното банкарство на Македонија.
Дами и господа,
Пред 25 години прогласивме сувереност и независност. Сите ние знаеме дека клучен дел од независноста на една држава е нејзината монетарна самостојност. Иако монетарна самостојност прогласивме со независноста, сепак, темелите на централното банкарство беа поставени во мугрите на македонската државност, во далечната 1946 година. Иако, долго време функционирала како филијала на централната банка на поранешната заедничка држава, сепак, Народната банка на Македонија во тој период успеа да изгради капацитети неопходни за квалитетно банкарско работење.
Со прогласувањето на независноста во 1991-та, нашата централна банка стекна искуство од два, сосема различни, економски и политички системи.
Тоа искуство ни помогна во мугрите на нашата независност, кога се соочивме со бројни предизвици. Државната каса беше речиси празна. Постоеше опасност од прелевање на дестабилизацијата и хиперинфлацијата од соседството. Но, во вакви исклучително сложени времиња, Народната банка успешно ги надмина предизвиците.
Кој од нас не се сеќава на историскиот момент кога во април 1992-та, премиерот Кљусев од собраниската говорница ги претстави банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот? Како граѓани се радувавме на тие први, скромно дизајнирани банкноти не само поради нивната куповна, туку и поради нивната симболична вредност. Тие симболизираа дека Реублика Македонија има монетарна самостојност. Воспоставувајќи стабилен курс на денарот, Народната банка ја стабилизираше инфлацијата на ниско ниво и ги зголеми државните резерви.
Почитувани присутни,
На почетокот на моето обраќање ја спомнав довербата. Довербата во банкарскиот систем се гради со години, а може да се изгуби за миг.
Глобалната финансиска и кредитна криза од 2008-та ги разниша темелите на довербата во банкарскиот систем низ светот. Но, во услови кога многу помоќни држави се соочуваа со забавување на економскиот раст, Република Македонија успеа не само да го одржи темпото, туку и да прерасне во една од најбрзорастечките економии во Европа. Како привлечна дестинација за странски инвестиции во услови на криза, ние станавме позитивен исклучок од негативното правило. А овој исклучок се должи на повеќе фактори. Меѓу нив се бројните и темелни економски реформи и неуморната промоција на македонските инвестициски можности. И јас, лично, како претседател не пропуштав можност да ја отворам македонската економија за стопанствениците, развиените и растечки економии од светот. Но, сето тоа беше возможно и благодарение на мудрата и одмерена макроекономска политика на Народната банка на Република Македонија.
За многу држави овие кризни години се, како што велат, години изедени од скакулци. Многу економии претрпеа огромни загуби. Но, Народната банка на Република Македонија беше чувар на довербата во економијата. И тоа двојна доверба. Доверба на странските инвеститори, но уште поважно, довербата на македонските граѓани во сопствените институции.
Народната банка на Република Македонија е еден од столбовите на функционалната и компетитивна македонска пазарна економија. Поради сето тоа, како претседател на Република Македонија, чест ми е да ѝ се заблагодарам на Народната банка со Орден за заслуги за Македонија. Овој орден е признание за сите поединци кои се вклучиле во градењето и во развојот на Народната банка во изминатите 70 години, а со тоа и на македонската економија.
Но, истовремено, овој орден претставува и обврска. Народната банка треба да продолжи, како и досега, да спроведува мудра, домаќинска и независна монетарна политика што ќе ги следи државните интереси. Да продолжи да биде столб на макроекономската стабилност на независна и суверена Република Македонија. Со транспарентна политика, да биде гарант на основната улога на финансискиот сектор. А тоа е да ја поддржува реалната економија, да создава услови за нови работни места, стоки и услуги што ќе ги задоволуваат реалните потреби на граѓаните. И со тоа, да придонесе за просперитет, благосостојба и напредок за македонските граѓани, македонската економија и македонската држава.
Конечно, овој орден е и израз на желба. Македонскиот денар денес е една од 164-те валути што циркулираат во светот. Како суверена држава, ние се гордееме со денарот. Сепак, не би ни пречело ако еден ден македонскиот денар се претопи во европската валута ‒ еврото. И со тоа целосно да се оствари сонот за рамноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Да бидеме дел од единствениот европски пазар. Посакувам тоа да се постигне до наредниот голем јубилеј, кога ќе славиме 80 години од македонското централно банкарство.
Ви благодарам.
|